Комисија на ЈОРМ ќе следи евентуални изборни нерегуларности

Од:

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности при Јавното обвинителство на Република Македонија апелира до граѓаните, граѓанските организации, лидерите и членовите на политичките партии за време на изборниот процес да се воздржат од преземање дејствија со кои стануваат сторители на кривични дела.

Комисијата, како што соопшти Обвинителството, продолжува и во овој период во континуитет да ги следи случувањата во врска со изборите и гласањето, се до заокружување на изборниот процес.

– Заложба на Комисијата е преку координација на надлежните основни јавни обвинителства да овозможи приоритетно постапување по сите кривично правни настани каде има индиции дека се сторени кривични дела поврзани со изборите и гласањето. Воедно, цел на Комисијата е и превентивно да делува кон јавноста и да спречи евентуални кривични дела поврзани со изборниот процес, се наведува во соопштението.

Од Комисијата упатуваат повик до граѓаните, граѓанските организации, лидерите и членовите на политичките партии да се воздржат од преземање дејствија со кои стануваат сторители на кривични дела и во таа насока посочуваат дел од кривичните дела опфатени во Глава 16 од Кривичниот законик.

– Во текот на овој изборен процес, поголемиот дел од кривичните дела за кои се преземени дејствија се однесуваат на кривичното дело Поткуп при избори и гласање, предвидено во член 162 од Кривичниот законик. Појаснуваме на јавноста дека за лицето кое на друго лице со избирачко право му нуди, дава или ветува подарок или друга корист, со намера да го придобие да го врши, да не го врши или како да го врши избирачкото право е предвидена казна затвор од најмалку пет години. Оваа затворска казна следи и за лице со избирачко право кое за да гласа, да не гласа или пак за начинот како ќе гласа, ќе бара или ќе прими за себе подарок или друга корист. Укажуваме дека дури и кога користа е од помала вредност, сторителот согласно законот ќе се казни со парична казна или со казна затвор до една година, се наведува во соопштението од Обвинителството.

Оттаму посочуваат дека со казна затвор од најмалку три години е санкционирано вршењето на кривичното дело Повреда на тајноста на гласањето од член 163 од Кривичниот законик, согласно кое се гони лицето кое при избори или при гласање ќе ја повреди тајноста. Доколку делото е сторено од страна на член на изборен орган или друго службено лице во вршењето на службата во врска со изборите или гласањето, предвидената казна затвор е најмалку три години. Ова се однесува и на лице кое со употреба на сила, сериозна закана, искористување на службената, работната или економската зависност и на друг начин, ќе издејствува од друг да каже дали и како гласал.

Комисијата за следење на евентуални изборни нерегуларности, во врска со информации изнесени во јавноста во изминатиов период, укажува и на кривичното дело Неовластеното прислушување и тонско снимање од член 151 од Кривичниот законик иако не е дел од Глава 16 од Кривичниот законик.

– Појаснуваме на граѓаните, членовите на граѓанските организации, политичките партии дека вршењето на ова кривично дело се казнува со казна затвор од една до пет години и тоа за лице кое со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, лице кое ќе овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана, како и лице кое ќе сними изјава која му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица, истакнуваат од ЈОРМ.

Од Комисијата за следење на изборни нерегуларности посочуваат дека продолжува да ја координира работата на јавните обвинителства во врска со откривање и гонење на сторители на кривични дела поврзани со изборите, за што во континуитет јавноста ќе биде известувана.

Би можело да ве интересира

ОЈО: Извршен е увид, се испитуваат причините за опожарување на службениот автомобил на директорот на „Идризово“

ОЈО за двојното убиство во скопското село Стајковци: Го убил братот и сопругата на починатиот брат

Горан Наумовски

ОЈО: Изборниот ден помина генерално без поголеми нарушувања на гласањето и пријави за изборни инциденти

Обвинителство: Изборите се мирни – Кривични за две лица во Велес, за едниот се бара притвор

Анита Петровска Рајковиќ

ВМРО-ДПМНЕ: Милионерот Каевски ја злоупотребил позицијата како директор на АМС

А1он

Ниту една пријава до обвинителство за изборите – изборниот ден мина мирно

Анита Петровска Рајковиќ