„Кој се тепа, тој се сака“: Села од „човек кој не го признава македонскиот идентитет“ до коалициски партнер на Мицкоски

Од:

По низа обвинувања и четири години опозиција, ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците ќе се поддржуваат за локалните избори. Не соопштија дали и какви услови имале за склучување на партнерскиот однос, ниту која партија во која општина ќе има кандидати. Лидерите Христијан Мицкоски и Зијадин Села не се појавија ниту пред јавноста за да објаснат дали и како ги закопаа „секирите“ за различните ставови кои ги имаа по прашањата како што се Законот за употреба на јазиците, Преспанскиот договор, промената на Уставот и уставното име, Договорот со Бугарија. Додека Алијанса за Албанците даваше поддршка, ВМРО-ДПМНЕ секојдневно критикуваше. Критиките од јавноста прејдоа и во шеги на социјалните мрежи, откако партијата на Села се одлучи да соработува со партијата на Мицкоски, чии членови се осудени дека го организирале упадот во Собранието, каде тој беше крвнички претепан до бесознание.

Села никогаш не доби извинување од Мицкоски за претепувањето на „27 април“

Во ноември минатата година беше и една од првите средби помеѓу Зијадин Села и Христијан Мицкоски. По разговорите зад затворени врати, детали не се соопштија. Арбен Таравари кој е генерален секретар на Алијанса за Албанците само соопшти дека Села добил извинување од Мицкоски за случаите на „27 април“, каде беше претепан до бесознаение. Тоа го оцени како позитивен сигнал.

„На денот на средбата во Хилтон во Скопје се извинуваше за случаите на „27-ми април“. Ќе видиме ако имаме уште сигнали кои ќе овозможат да се отвори патот за соработка ние ќе бидеме со нив“, рече Таравари.

Пет дена по оваа изјава, Мицкоски негираше дека се извинил.

„Јас ја слушнав таа изјава од господинот Таравари. Таа рефлектира на она што го кажав на самиот почеток на таа конференција на ’Конрад Аденауер‘ каде кажав дека жалам за тоа што му се случи на господинот Села и посакав никогаш тоа да не се повтори. Тоа беа моите зборови. Јас не сум причината и не можам да се извинувам за нешто за што не сум причина да се случи, но истовремено како човек како сограѓанин, како пријател, сакам да изразам моја лична емпатија “, рече Мицкоски на ТВ21.

Алијанса за Албанците тврдеше дека нема коалиција со партија која не ги признава договорите со Грција и Бугарија 

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во февруари годинава посочи дека нема коалиција со партија која не ги прифаќа Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека двата договори се штетни и не ги признаваат. Каков е компромисот направен зад затворени врати поврзан со ова прашање, нема одговор.

„Нашиот претседател Зијадин Села неколку пати има напоменато дека нема да коалицираме со ниедна партија која не ги признава договорите со Грција и Бугарија. И јас велам, тоа се договори кои го отвораат патот на Македонија за ЕУ, и секоја партија кога е против овие договори, со нас не може да има коалиција“, објасни Таравари во „Клик плус“ во февруари годинава.

За случајот „27 април“, првостепено се осудени поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ како организатори на упадот.

ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека коалицирањето со Села е штета за македонскиот идентитет 

ВМРО-ДПМНЕ пред пет години односно во 2017 година, го карактеризираше Зијадин Села како човек со кого не треба да се коалицира, бидејќи не го признава македонскиот идентитет.

„Последното кое граѓаните можеа да го видат од Зоран Заев е неговата соработка со Зијадин Села, човекот кој македонскиот народ го множи со нула, кој не признава македонски идентитет, кој не ја почитува македонската химна и македонското знаме“, велат од партијата. Зарем со овој човек Зоран Заев е подготвен да коалицира само за да се добере до власт. Зоран Заев покажува дека не само што е подготвен да прифати Тиранска Платформа и да води диктирана тиранска влада, туку е подготвен да го моли за потписи и човекот кој отворено кажува дека македонскиот народ не постои“, потенцираа во март 2017 година од ВМРО-ДПМНЕ.

По коалицијата, нема став од ВМРО-ДПМНЕ дали и натаму го сметаат истото за Зијадин Села. Оттаму преку соопштение посочија само дека склучената коалиција е единствен начин за да се симнат од власт СДСМ и ДУИ.

Јавни дилеми и на социјалните мрежи – што поддржува Мицкоски, а што Села?

Низ коментари, дилеми, шеги на социјалните мрежи по објавувањето на коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Реторички прашања има и за двајцата лидери. Се споделуваат и видеа каде Села зборува како од работа ќе брка Македонци, со нејаснотија, како ВМРО-ДПМНЕ може да коалицира со ваква партија.

Други, се осврнаа на тепањето на Зијадин Села при насилниот упад во Собранието на 27 април.

Дали коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците освен за локалните избори, ќе биде и во Собранието, засега нема одговор. ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива се договорија за заеднички настап на изборите, по средбата што ја остварија првите луѓе на опозициските партии – Христијан Мицкоски, Зијадин Села и Африм Гаши.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Јас ја водам Владата исклучиво од интересите на мојата татковина

ВИДЕО: За малку тепачка во Собрание меѓу Апасев и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ

Катерина Ѓуровски

Тренчевска: Кошничката е прескапа, ДПМНЕ да прифати 0% ДДВ на храна и минимална плата 450

СДСМ бара Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ да се вразумат и понуди предлози за решавање на кризата во Скопје

СДСМ: Синдикалната кошничка порасна за 772 денари – граѓаните плаќаат за неспособноста на владата

СДСМ: Малодушноста на ВМРО-ДПМНЕ блеска посилно од кога било