Кочубовски: Граѓаните пијат безбедна вода, да се прочистуваат урбаните отпадни води

Од:

Граѓаните пијат безбедна вода. Водата од ЈП Водовод и канализација Скопје редовно се испитува од нивните лаборатории, како и од страна на Институтот за јавно здравје и центрите за јавно здравје.

Ова денеска го истакна проф.д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје на Република Македонија на одбележувањето на Светскиот ден на водата 2017, во рамки на кое на платото пред Домот на АРМ се одржа Саем на вода на кој присуствуваа голем број ученици од неколку основни училишта, студенти од Медицинскиот факултет, пензионери…

Годинава мотото на Светскиот ден на водата е „Отпадните води и кампањата Зошто отпадните води?“

Тој посочи дека потребно е редовно да се прочистуваат урбаните отпадни води. Отпадните води ако не ги пречистуваме и ако ги испуштаме така како што се добиваат, нагласи, ќе ја загадат животната средина, површинските води, подземните води, почвата и после производството на храна би било небезбедно.

– Добар дел од градовите немаат прочистување на комуналните отпадни води и тоа е во процес. Скопје има веќе направено студија, во Прилеп и Гевгелија е во завршна фаза изградбата за пречистителни станици за комунални отпадни води, а се планира и во Струмица. Кога ќе ги прочистиме комуналните отпадни води ќе се подобри квалитетот на реките каде тие се испуштаат. Некои земјоделци користат вода од реките. Постои се уште ризик за загадување на почвата и на земјоделските култури, рече Кочубовски.

Наташа Димитриевска од Институтот за јавно здравје на Република Македонија рече дека годинава направиле анкета која ја поставиле на www.iph.mk со цел да дознаат колку граѓаните се информирани за тоа што е безбедна вода и што тоа значи за здравјето на луѓето.

– Досега анкетата на веб страната ја пополниле 235 посетители. Во однос на тоа дали знаат што е безбедна вода, дури 90 проценти одговориле потврдно. Другите прашања се однесуваа на тоа кои се изворите од кои најмногу се информираат граѓаните за безбедната вода и за сите податоци за здравјето, истакна Димитриевска.

Појасни дека дури 70 отсто од граѓаните кои ја пополниле анкетата одговориле дека за јавното здравје се информираат од Институтот за јавно здравје, околу 40 проценти се информираат од интернет, а 60 проценти од медиумите.

– Како медиуми најзастапена е телевизијата и тоа во инфомативните програми. Граѓаните се изјаснија дека од рекламите, кампањите, производителите и трговците, добиваат многу помалку информации кои им се потребни за безбедноста и значењето на водата, додаде Димитриевска.

Би можело да ве интересира

Важно откритие на научниците: Пронајден доказ за постоење на вода на Марс, сместена длабоко во кората

Повлечена вода од хрватскиот пазар испорачана во соседството

Загубите на вода во државава 62-63 отсто, меѓу највисоките во регионот

Водовод го избриша известувањето дека нема да има вода во Скопје-било лага на неовластени лица

А1он

Подгответе се навреме: Утре речиси цело Скопје без вода или со слаб притисок

А1он

Дел од булевар „АСНОМ“ утре без вода

А1он