Покачување на додаток на попреченост од 7.100 на 12.000 денари и на посебниот детски додаток од 5.100 на 10.000 денари, изедначување на додатоците со минималната плата во државата во следните две години, симнување на границата од 26 на 18 години и создавање регистар за лица со попреченост, дневни центри и центри за рехабилитација, бараат од Коалицијата Менуваме.
Барањата, како што информираат денеска од Коалицијата Менуваме, следуваат по остварените средби со сите засегнати страни, почнувајќи од децата, лицата со попреченост, родители и завршувајќи со надлежните органи во Министерство за труд и социјална политика, Владата и претседателот Стево Пендаровски.
– Предложениот предлог од 15 процентно покачување на додатокот од 2022 од страна на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска е непристоен. Се поставува прашањето дали предлагачот ги познава проблемите и потребите на децата и лицата со попреченост и нивните семејства. Предлогот не е доволно стручно размислуван и разработен од страна на предлагачот. Децата и лицата со попреченост и нивите родители не можат да замислат дека се помножени под 0 во никој случај, наведуваат во соопштение од Коалицијата Менуваме. Имаме право на достоинствен живот, порачуваат од Коалицијата Менуваме и најавуваат протест од 1 септември се до остварување на своите барања.
Коалицијата, исто така, посочува дека државата ја има ратификувано Конвенцијата на правата на лицата со попреченост на ОН во 2011 година, по што, укажуваат, е должна да ги оствари преземените обврски за гарантирање на правата на лицата со попреченост, меѓу кои гарантирање соодветен стандард на живот за лицата со попреченост.