Ќе се остварат ли стравувањата за влез на сомнителен капитал во Макпетрол – КХВ до утре треба да одлучи

Од:

Рокот во кој Комисијата за хартии од вредност треба да одлучи дали ќе ја прифати понудата на анонимната офшор компанија „Балкан Петролеум“ за акциите на Макпетрол, истекува утре. Очите на целокупната македонска јавност се вперени во Комисијата – дали ќе се дозволи влез на сомнителен странски капитал во домашната економија?

Уште од самото појавување на „Балкан Петролеум“, почнаа да стигнуваат информациите за сомнителното минато на луѓето од фантомската компанија. Новинарските истражувања ги открија нивните сложени офшор-шеми, кои преку Македонија и Британија, завршуваат на Кипар и Британските Девствени Острови. Сериозни сомневања дека се работи за лица од „сивата зона“ на источноевропскиот бизнис, кои се обидуваат да го „вдомат“ нивниот сомнителен капитал во Македонија, ја растревожија и загрижија јавноста.

Имињата на луѓето поврзани со „Балкан Петролеум“ досега беа непознати во земјава, но тие се добро документирани во досиејата на европските полициски и истражни органи. Контроверзниот Израелец Ури Бидер, кој се појавил на последното акционерско собрание на Макпетрол, претходно учествувал во сомнителното преземање на романската рафинерија „Рафо“, со катастрофални последици за рафинеријата и нејзините вработени. Соработник на Бидер низ годините бил и контроверзниот руски олигарх Михаил Черни, чие минато е преполно со сомнителни зделки и обвинувања за перење пари, корупција и поврзаност со руската мафија. Директорот на „Балкан Петролеум“, Василиј Евдокимов, се појавува како менаџер на повеќе од 20 офшор-компании, во кои тој претставува параван за вистинските сопственици. Александер Каплан, кој се појави во јавноста како претставник на компанијата (иако не фигурира никаде во нејзината сопственичка структура), порано бил директор на „Ветек“, фирма во сопственост на уште еден контроверзен лик – Сергеј Курченко, кој е на црната листа за влез во ЕУ поради своите матни зделки и бизниси.

Институциите молчат, експертите предупредуваат: Не смее да се дозволи црниот капитал да влезе во македонското стопанство

И покрај основаните сомневања за минатото на овие бизнисмени, ниту една македонска институција досега не излезе со информација дека ги истражува овие луѓе и потеклото на нивните пари. Експертите повеќепати апелираа – покрај Комисијата за хартии од вредност, и Управата за финансиско разузнавање и Комисијата за заштита на конкуренцијата во ваква ситуација мора да ја исполнат својата улога на заштитници на домашното стопанство од сомнителниот странски капитал.

„Јас да сум регулатор ќе барам од основачот на компанијата да ми ги даде на увид сите нејзини извештаи. Ова треба да го направи КХВ пред да донесе каков било заклучок во врска со понудата на купувачот. Регулаторот, ако сака, може да открие и многу повеќе од тоа“, изјави универзитетскиот професор Марко Андонов.

И поранешниот директор на Управата за спречување на перење пари Ване Цветанов повика на будност на институциите во овој случај:

„Индикаторите за сомнеж за перење пари се целосно исполнети. Ако се погледне стручно на целата оваа состојба, управата е должна да изврши комплетна анализа и е должна, доколку процени, да изврши и блокирање на самата трансакција. Доколку станува збор за одредена фирма која во друга земја влегла во одредени криминални дејанија, во одредени противзаконски дејанија, доколку за таа фирма се водат некакви постапки, управата е должна да го блокира тој процес на преземање на Макпетрол, бидејќи може да дојде до сериозни последици за македонската економија“, вели Цветанов.

Деновиве во јавноста се појави и украинскиот амбасадор во земјава Јуриј Гончарук, кој исто така предупреди за сомнителните биографии на луѓето што се обидуваат да го преземат Макпетрол:

„Не треба тие луѓе да се пуштаат тука. Има потерници по нив. Тие се наоѓаат под меѓународни санкции, доколку го имате во предвид познатиот украински олигарх Сергиј Курченко“, изјави Гончарук во интервју за Телма.

2000 работници во Макпетрол се во страв и неизвесност

Искуствата со „игрите“ на сомнителните бизнисмени во Романија се главната причина поради која околу 2000 работници во Макпетрол стравуваат за сопствената иднина. Пред 13 години, Ури Бидер и неговите соработници ја уништиле рафинеријата „Рафо“, откако во неа влегле со компанија со идентично име како денешната, со која се обидуваат да го преземат Макпетрол – „Балкан Петролеум“.

Синдикатот на работниците во трговијата веќе се изјасни дека институциите мораат темелно да го проверат потенцијалниот купувач на акциите на Макпетрол и потеклото на неговиот капитал. Според експертите за работнички права, во македонските закони се поставени добри механизми за заштита, но останува на институциите да ги спроведат овие прописи.

„И раководството на Макпетрол и потенцијалниот купувач имаат обврска да ги консултираат Синдикатот како претставник на работниците, во врска со сите промени што (ќе) се случуваат во правниот субјект. Консултациите треба да се направат во вид на добивање одговори за секое прашање што би го имале работниците а е во насока на заштитата на нивните работни места, како и подготвување на документ/договор во кој јасно ќе се опишани условите со кои се согласуваат работниците во случај на промена на сопственоста. Без мислењето како и согласноста од страна на синдикатот, било какви промени ќе можат да се оспорат во релевантните судски институции. Работниците во Макпетрол не се без заштита и тие мора да бидат свесни за тоа“, вели Милан Живковиќ од фондацијата „Фридрих Еберт“.

Додека КХВ го троши последниот ден од законскиот рок во кој мора да се изјасни за тоа дали ја прифаќа понудата на „Балкан Петролеум“, неизвесноста и сомнежот и натаму преовладуваат во јавноста околу овој случај. Прашањето што сите си го поставуваат е: ќе се дозволи ли црн капитал од матни источноевропски бизниси да влезе во македонското стопанство?

Би можело да ве интересира

Работилница на „Макпетрол“ за родители против врсничко насилство утре ќе се одржи во Куманово

Признание за „Макпетрол“ како еден од најголемите поддржувачи на СОС Детско Село

Со поддршка од „Макпетрол“ и во Кочани ќе се одржат работилници против врсничко насилство

А1он

Каратистите на „Макпетрол” ја отвораат сезоната со учество на светската лига во Атина

„Макпетрол“: Ученици од 40 училишта се здобија со знаења за врсничкото насилство

Три медали за каратистите на „Макпетрол” на Балканското првенство во Љубљана