Кинеската вакцина на „Синовак“, од која Македонија очекува половина милион дози, е со најслаба ефикасност од сите вакцини

Од:

Кинеската вакцина на „Синовак-Биотек“, за која премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче изјавија дека порачале половина милион дози, има ефикасност од само 52 до 83 отсто, покажуваат резултатите од испитувањата во Бразил, Турција и во Индонезија.

Во бразилските клинички испитувања, според Би-би-си, таа покажала ефикасност од само 50 отсто, а индонезиските власти тврдат дека ефикасноста на оваа вакцина изнесува 65 отсто.

Оваа вакцина, која е направена на база на деактивиран вирус, се уште не е одобрена од Светската здравствена организација, исто како и другата кинеска вакцина, „Синофарм“, која има поголем процент на ефикасност.

Во средата, претседателот на советничкиот панел на СЗО изјави дека кинеските производители на „Синофарм“ и „Синовак“ презентирале податоци за нивните вакцини кои укажуваат на нивоа на ефикасност кои би биле компатибилни со оние што ги бара Светската здравствена организација.

„Стратешката советничка група на експерти на СЗО (САГЕ) се надева дека ќе издаде препораки за тие вакцини до крајот на април“, изјави претседателот на советничката група, Алехандро Кравиото на брифингот за новинари во Женева.

Вакцинација во Индонезија со вакцината на „Синовак-Биотек“ / Фото: ЕПА

СЗО во неколку наврати испратила тимови да ја посетат фабриката за производство на вакцини „Синовак“, кон средината на февруари, како предуслов за да се добие претквалификација на вакцината во СЗО.

„За време на теренскиот преглед во фабриката на Синовак, СЗО ни даде многу значајни предлози за подобрување на квалитетот. Брзо ќе го добиеме официјалниот документ за евалуација од тимот на СЗО и ќе се подобриме, согласно сугестиите. Одобрувањето на СЗО е клучно за нас бидејќи тоа ќе ни овозможи да обезбедиме вакцини во повеќе земји. Но, ние одржуваме билатерална соработка со некои други земји во исто време, бидејќи тоа е далеку поефикасен начин во одредени околности“, изјавува кон почетокот на март во интервју за „Глобал тајмс“ директорот на Синовак, Јин Вејдонг, кој вели дека досега се произведени 2 милијарди дози од оваа вакцина и дека нејзината ефикасност варира од 80% до 90%.

Сепак, клиничките истражувања во останатите држави покажуваат нешто друго.

Бразилските кличнички студии објавени во јануари годинава, покажуваат дека вакцината Синовак има 50,4% ефикасност.

„Тоа покажува дека вакцината е значително помалку ефикасна од предложените претходни податоци – едвај над 50% потребни за регулаторно одобрување“, јави Би-би-си.

Војник од Тајланд ја прима кинеската вакцина на „Синовак-Биотек“ / Фото: ЕПА

Резултатите во Турција, пак, покажуваат друг степен на ефикасност. Минатиот месец агенцијата „Ројтерс“ јави дека вакцината на „Синовак“ има ефикасност од 83,5%, според конечните резултати од испитувањата во трета фаза, што е сепак помалку од првичните наоди за ефикасност од 91,25%. Истражувањата биле направени врз основа на резултатите кај над 10 илјади учесници во третата фаза.

Инаку, степенот на ефикасност на било која вакцина се одредува според тоа колкава е можноста лицето што примило вакцина, да развие симптоми на Ковид-19, откако ќе дојде во контакт со заразено лице од вирусот. Според досегашните објави, сите вакцини кои се во оптек, стопроцентно штитат од хоспитализација и од смрт како последица на Ковид-19.

Вакцинација со кинеската „Синовак“ на Филипини / Фото: ЕПА

Премиерот Зоран Заев веќе изјави дека ќе се набавуваат 500 илјади дози од вакцината на „Синовак“, а се очекуваат и 200.000 дози од првата кинеска вакцина, „Синофарм“, која има повисок процент на ефикасност.

„Очекуваме во текот на овој месец да стигнат првите 20-25 илјади од вкупно 100 илјади вакцини од Европската унија и сите 200 илјади вакцини од Кина ‘Синофарм’, како и следните количини од „Спутник В“ и вакцините од „Фајзер“, од кои имаме нарачано 800 илјади. Ќе се набават и дополнителни 500 илјади од втората кинеска вакцина „Синовак“, со што ќе се заокружи бројката од 2,6 милиони вакцини, за 1,3 милиони граѓани“, изјави Заев пред два дена.

„Синовак“ е биофармацевтска компанија со седиште во Пекинг – оваа компанија стои зад вакцината чие име е „КоронаВак“ (CoronaVac), која функционира на база на деактивиран вирус, кој има за цел да го изложи имунолошкиот систем на организмот на вирусот, без да остави последици, односно да предизвика болест. Неколку земји, вклучително и Индонезија, Турција и Сингапур, направија нарачки на оваа вакцина. Кон крајот на март Филипините добија милион дози од вакцината на Синовак, а вкупно се очекуваат да пристигнат 25 милиони дози.

Би можело да ве интересира

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

Орце Костов

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски

Три години откако СЗО прогласи пандемија од Ковид-19, вирусот се уште присутен, но со намален интензитет

Ана Ололовска

Најзаразниот сој досега, „кракен“, не е откриен кај нас, но последната анализа е направена на 5 декември

Осум починати, 196 нови случаи на Ковид-19 минатата недела

Ана Ололовска