Општина Кавадарци во соработка со општините Неготино и Росоман интензивно работи на решавање на проблемот за подобрување на квалитетот на водата за пиење од регионалниот водовод „Лукар“, изјави за МИА кавадаречкиот градоначалник Александар Панов.
– Предминатата година го решивме проблемот со рестрикциите, поставувајќи го „Скада“ системот за автоматско регулирање на притисокот и протокот на вода во градската водоводна мрежа. Доведовме алтернативен цевковод и филтер станица за дополнителни 200 литри вода во секунда, со што дефинитивно кавадарчани се збогуваа со редукциите и недостигот на вода за пиење. Во моментов работиме на подобрување на квалитетот на водата од „Лукар“, нагласи Панов.
Градоначалникот на Кавадарци информира дека при крај се работите за целосна реконструкција на постојните филтри за прочистување на водата од Стара река и изворот Косматец.
– Во најскоро време ќе започнеме со поставување механички филтри со кои повеќе нема да има заматување на водата од системот „Лукар“. Овој проект ќе го работиме заедно со општините Неготино и Росоман кои исто така ја користат водата од регионалниот водовод. Со тоа граѓаните дефинитивно покрај редовно и квантитативно, ќе имаат и целосно квалитетно водоснабдување, додава тој.