„Претседателот на Македонија дојде во Канада, никој не забележа“, е наслов на текстот во канадскиот весник „Нешенал пост“.
„Во настан кој помина незабележано од сите весници, радио станици и телевизиски екипи од целиот западен свет, лидерот на два милиони Македонци допатува во официјална посета на Канада неделава“, пишува весникот.
Тој ги наведува активностите на Иванов за време на посетата. Премиерката на Онтарио Катлин Вин требало да се појави на банкетот во чест на Иванов, но во Отава македонскиот лидер успеал да обезбеди прием единствено кај претседателите на двата дома во канадскиот Парламент, тврди весникот.
„Да бидеме фер, должностите на Иванов се претежно церемонијални. Македонскиот премиер ја има политичката моќ, а претседателот има улога слична на нашиот генерален гувернер. За споредба, кога македонскиот премиер не посети во 2009-та, тој беше топло пречекан од неговиот канадски колега Стивен Харпер“, потсетува весникот.
„Без излез на море и со форма на бубрег, оваа земја на Балканскиот Полуостров, Македонија, некогаш беше домашна база на освојувачот Александар Велики. Денес, економската ситуација на оваа земја е меѓу најлошите во Источна Европа, иако за разлика од нејзиниот расипнички и насилен сосед Грција, македонската разумна фискална политика и дава на земјата можност за позитивна перспектива“, стои во текстот.