Топол дом за сите и реконструкција на живеалишта на семејства со деца, кои се во социјален ризик и нехумани животни услови е целта на новогодишната хуманитарна кампања создадена од Здружението за хумано-општествен развој “Проект Среќа” која почна денеска.
Кампањата се состои од донаторски броеви и наменска сметка на кои граѓаните и компаниите ќе може да донираат, голем донаторски Телетон и песна со видео спот за дополнителна промоција на кампањата. Со собраните средства ќе бидат реновирани живеалишта на семејства со деца кои се избрани по приоритетност, со фокус на руралните средини низ целата држава.
– Преку своите активности, како здружение сме имале можност да влеземе во многу социјално загрозени домови и да видиме во какви услови живеат децата и колку многу им недостига од основните животни потреби. Токму затоа решивме, нашата енергија да ја насочиме кон тоа, да организираме цела кампања во која ќе се обединиме сите, граѓани, компании, јавни личности и да собереме донации и средства за реновирање на домовите на најпогодени семејства и да обезбедиме минимум достоинствен живот и услови за децата од овие семејства. На некој начин кампањата ќе биде гласот на овие деца и повик до сите да се вклучат за да им обезбедиме топол дом. Затоа и го избравме периодот околу новогодишните празници, со цел празничниот дух и атмосфера да нè потсети дека сите заслужуваме среќа и топол дом, изјави Кристина Арнаудова основач и претседател на Здружението „Проект среќа“.
Кампањата официјално започнува на денеска со промоција на песната и спотот која ќе биде поддршка на кампањата. Песната е испеана од деца кои најчесто се на улиците и крстосниците, авторско дело на Бојан Трајковски од Ај Кју, а е снимена во студиото Габроски. Во изработката на песната и видеото учествуваат низа јавни личности, Кристина Арнаудова, Биба Додева, Дани, Дарио, Ѓоко Танески, Ај Кју, Лина Пејоска, Сара Мејс, Ване Марковски, Димитар Атанасовски, Сашко Коцев. Во спотот и песната главни ѕвезди се децата од Дневниот центар за деца од улица “Шуто Оризари” и Фаик, кој ја има и главната улога во спотот. Видеото го изработи Дарио Јанковиќ.
-Пораката која сакаме да ја пратиме со песната и кампањата воопшто е дека секое дете заслужува достоинствен живот и новогодишна радост. На децата не им е местото на улица, а ние како возрасни, наместо да ги осудуваме мораме да пробаме да им помогнеме и разбереме оние деца на кои не им бил даден друг избор освен улицата, дополнува Арнаудова.
Една од активностите на кампањата е големиот донаторски Телетон, којшто ќе се одржи на 29 декември од 18 до 21 часот на програмата на МТВ и каде сите јавни личности ќе се вклучат со цел собирање што повеќе донации. Сметката каде граѓаните ќе може да ги уплатат своите донации е 300-0000039428-92 со назнака ТОПОЛ ДОМ ЗА СИТЕ и на телефонските броеви 070/143 403 и 077/143 600.
Кампањата ќе трае до 15 јануари кога ќе бидат отворени донациите и официјално ќе биде објавено колку средства се собрани и каде помошта ќе биде распределена.