Македонија има потенцијал за давање на љубов. Имаме семејства кои ги пораснале своите деца и тие можат да станат згрижувачи и споделат љубов со децата што денеска живеат во институции, изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на почетокот на кампањата „На секое дете му треба семејство“.
Кампањата со пораката „Дали имате љубов за давање“ ја спроведуваат МТСП и УНИЦЕФ со цел граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и мобилизирање на поддршката за решение за грижа за деца во семејно опкружување на ниво на заедница наспроти институционално згрижување.
Царовска посочи дека оваа кампања значи многу за Македонија и има за цел да се обезбеди семејство за секое дете во државата.
– Институциите за жал не се добра форма за децата да растат внатре. Секое дете треба да расте во семејство или најблиску до топлината на едно семејство, затоа што само така ние ќе го искористиме максималниот потенцијал на сите деца во нашата држава, изјави Царовска.
Таа ги повика сите граѓани што имаат љубов да ја споделат и да придонесат во системот на социјална заштита, да се регистрираат како згрижувачи и да поминат обука, да добијат дете и за него да се грижат додека тоа не порасне, бидејќи како што рече, таа љубов секогаш се враќа.
Почетокот на кампањата беше означен денеска на плоштадот „Македонија“ со флеш моб со песната „Галебе мој тажен“, која е дел од кампањата „Дали имате љубов за давање“.
Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс рече дека со кампањата сакаат да помогнат да се мобилизира доволен број згрижувачки семејства, кои имат љубов за давање на децата, кои во моментот се сместени во институции и да се создаде широка мрежа на семејства што се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата на кои може да им треба згрижување во иднина.
Тој посочи дека во следните два месеца ќе се организираат отворени денови во 30 градоци преку центрите за социјална работа и СОС Детско село, за да им се даде на граѓаните низ целата земја можност да дознаат повеќе и да станат згрижувачки семејства.
На новинарско прашање како може да се забрза процесот за посвојување дете во Македонија, министерката Царовска посочи дека листата на посвоители е многу голема, додека на децата кои се достапни за посвојување е многу мала.
Мојата порака до сите е да ги намалат ограничувањата кои ги пишуваат во постапката за посвојување за тоа да биде поедноставено и за секое дете во нивното семјество да биде добредојдено. Тогаш многу брзо може да дојде до посвојување, рече Царовска.