„Осудени сме уште пред да влеземе во судница“, со ова тврдење бизнисменот Орце Камчев на денешното судење за „Плацовите на Водно“ негираше дека е виновен за било што кое му се става на товар од обвинителниот акт. Тој смета дека обвинувањата се лажни, а со доказите кои ги предложила обвинителката Лиле Стефанова се манипулира пред судот.
Бизнисменот смета дека е во притвор поради пријавувањето на случајот „Рекет“, бидејќи по него, пропадна и Специјалното јавно обвинителство. Нему не му е јасно ниту зошто не е направено финансиско вештачење. За земјиштето на Водно, поради кое сега е на обвинителна клупа, Камчев кажа дека било планирано да се гради болница, но откако планот пропаднал, земјиштето било продадено за профит.
На второто рочиште, бизнисменот Камчев пред судот потенцираше дека од судницата ќе излезе со чист образ, со што ќе докаже дека не е криминалец. За предметот „Плацови на Водно“, бизнисменот Камчев е во притвор скоро половина година. Обвинителството смета дека тој може да избега, поради тоа што има имот и фирми во странство, но и бугарско државјанство и место за престој. Дополнително, доказ беше и белешката од АНБ според која, тој имал средба со странци, што според нив, спремал договор за бегство.
Камчев во изминативе месеци се жалеше на влошена здравствена состојба и негрижа за неговото здравје во затворот. За ова известуваа неговите адвокати. Од затворот „Скопје”, ги негираа обвинувањата.
Според обвинението, Груевски, во периодот од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од парите што биле давани како донации за финансирање на партијата не ги прикажал како примени донации, туку ги присвоил за себе. Станува збор за 1,3 милиони евра.
Во средината на 2012, според обвинението, тој дознава дека физички лица кои се иселени од државата преку посредници продаваат земјиште од околу 11.000 квадратни метри на Водно и бара од Мијалков да му помогне да го купи ова земјиште, ама да се прикрие изворот на парите. Мијалков стапува во контакт со обвинетиот Ненад Јосифовиќ, кој бил сопственик на веќе регистрирана офшор фирма во Белизе, и се договорил оваа фирма да биде основач на домашна фирма која ќе биде употребена за да се купи земјиштето. На домашната фирма управител станува Ристо Новачевски, кум од првиот брак на Груевски.
Откако била постигната согласност за купопродажната цена, според обвинението, во повеќе наврати на девизната сметка на скопската фирма, преку сметката на фирмата од Белизе парите се пуштаат во оптек, а Новачевски во својство на управител на фирмата со сопствениците на земјиштето потпишува договор за купопродажба за купување на шума со површина од 11.255 квадратни метри и за тоа плаќа 1,2 милиони евра.
Во 2015 година се менува ГУП на Град Скопје- овие парцели се пренаменуваат во градежни, а и уделот на фирмата од Белизе се пренесува на име на Јордан Камчев и неговата мајка Ратка Камчева, а плацовите се делат на три дела.
Освен ова, Груевски, според обвинението, како службено лице со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој ги надминува неговите приходи пријавени во анкетниот лист, дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Новачевски. Па така, тој во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил два стана во Скопје со површина од 38 и од 57 квадратни метри, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2.729 квадратни метри и две градежни парцели во Крушево.
Притвор беше определен и за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство од земјава и е азилант во Будимпшета. Мерки на претпазливост им беа определени и на обвинетите Ненад Јосифовиќ и Ратка Камчева.