Советот за реформи во правосудството е повеќе декор на Министерството за правда и Владата, отколку вистински Совет за реформи, смета професорот по Казнено процесно право при Правниот факултет во Скопје, Горан Калајџиев. Тој пред десетина дена поднесе оставка од членството во Советот.
– Лично сметав дека реформите не се одвиваат на начин на кој јас замислував во однос на брзината, нема вистинска инклузивност ниту на луѓето кои се засегнати од реформите, пред се, тука мислам на самите судии, обвинителството во делот на правосудството, ниту на дел на инклузивноста на граѓанскиот сектор. Но, најнезадоволен бев од работата на самиот Совет, рече Калајџиев.
Според него Советот е маргинализиран и се свикува многу ретко, еднаш во два месеци, а на дневен ред се поставуваат прашања по избор на министерството за правда.
– Некои важни иницијативи се одбиваат без аргументација, така што Советот го доживувам повеќе како декор на Министерството и Владата отколку како вистински Совет за реформи. Мислам дека напротив сериозноста на задачата бара многу добро да се размислат чекорите што се преземаат, бидејќи само палијативни, нови крпења на законските прописи, нема да донесат решенија на проблемите како што не донесоа ни досега, бидејќи ние и без да правиме реформи имаме пристојни законски решенија. Но, имаме сериозни други проблеми што уште де факто не сме ги детектирале зошто и како нашиот систем не е резистентен на политичките влијанија, кои се тие канали преку кои се врши притисок врз судството, обвинителството што доведуваат до селективност, политизираност, истакна проф. Калајџиев.
Професорот додава дека и неговата оставка од работата во Советот не била истретинарана и дека никој не го повикал да разговара за тоа каде се проблемите.
– Нас ниту не прашаа кога не назначија, ниту денес не третираат за некои од иницијативите што ги одбиваат да не викнат на разговор, да поразговараме за други проблеми кои ги истакнавме. Ние бевме незадоволни и од, условно речено, техничката страна, не добивме материјал навреме, не бевме информирани каде се некои реформски зафати, не бевме информирани за фидбекот на ЕУ и експертите од таа страна, не бевме информирани за дебатите што се водат и тој фидбек, немавме благовремено материјали за многу работи, немаме влијание врз техничките комисии што почнаа да работат на некои закони, посочи тој.
Советот за реформи во праводуството има 22 члена, од кои 17 се надворешни експерти, а пет членови се од министерството за правда. Членови на Советот се Маргарита Цаца Николовска и Мирјана Лазарова Трајковска, поранешни судијки во Европскиот суд за човекови права, универзитетските професори Љубомир Фрчкоски, Мирјана Најчевска, Борче Давитковски, Беса Арифи и Мерсим Максути.
Советот за спроведување на реформи во правосудството е дел од Планот 3-6-9 на Владата за реформи.