Мајка во Скопје, секој ден e под закани да и го одземат четиригодишното дете и да го дадат на неговиот имотен татко, кој има пресуда за семејно насилство, а претходно го има грабнато детето и казнет е за лажно пријавување на мајката. Така е, зошто судот во Охрид од каде што е таткото, а потоа и во Апелациониот суд во Битола, која е блиску до Охрид, на чело со судијката Жаклина Доведен одлучија дека иделаниот родител кој треба да биде старател на детето по разводот е токму таткото. Овој случај полн со небулози, низа сомнителни искази, апсурдни образложенија, бара внимание и инволвирање на државата и целата јавност за да се спречи голема неправда како за мајката, но и за четиригодишно дете кое по се изгледа се жртви на корумпираниот систем.
Во пресудата, со цел да се оправда одлуката има низа напишани глупости и оправдувања.
„Со донесената одлука крајно се одржува и принципот на родова еднаквост“.
Вака во пресудата напиша и се потпиша судијката Жаклина Доведен, која сега е и претседалка на Апелациониот суд. Кај неа и во нејзината одлука пратеничката Иванка Василевска од Собранието препозна само корумпираност на која мора да и се стави крај.
-Ќе им дадам една задача на Судскиот совет да проверат како нивната колешка која ја назначија за претседателка на Апелациониот суд во Битола, госпоѓата Жаклина Доведен успеа да ја добие таа престижна фотелја? Која беше цената и колку тони тежат солзите на една мајка и на едно четирогодишно дете со пресудата за која Доведен рекла дека морала да ја донесе? Каде е правдата и правото, за една мајка и едно дете кога имаме претседателки на Апелација во Битола коишто мораат да донесат една таква неправична пресуда. Пресуда која не е врз факти и аргументи, туку е донесена од политички интереси, потреба од функции и секако претпоставувана материјална корист. Има моќници во нашата држава кои немаат проблем да платат колку што ќе се побара, рече Иванка Василевска од собраниската говорница.
Спорните заклучоци на двата суда, во Охрид и Битола, оставаат простор за сомнеж дека се работи за договорена, а не правична судска одлука. Во ова најголема улога одиграл Центарот за социјални работи од Охрид, од каде е и таткото, кој не бил надлежен за случајот, но сепак судот го прифатил и покрај неколкуте укажувања од Министерството за труд и социјална политика дека за случајот е надлежен Центарот за социјални работи во Скопје.
Токму Центарот од Охрид го форсира таткото како старател, а со мајката не ни разговарал. Меѓу другото и од Центарот во Охрид пишувале исто глупости кои судот ги прифатил како аргументи. На пример, нивните експерти напишале дека за одгледување на дете, помалата урбана средина односно Охрид била голема предност, и затоа треба детето да се даде на таткото:
„Како фактори кои влијаеле на стручното мислење при ЈУМ ЦСР Охрид биле наведени силната врска меѓу таткото и синот, континуираното опстојување во текот на постапката од страна на таткото детето да биде доверено на чување кај него, а според педагогот од стручниот тим како предност за доделување на детето кај таткото била истакнатата истоветност на полот меѓу детето и таткото бидејќи имало влијание за идентификација на детето. Покрај тоа како фактори кои влијаеле на мислењето детето да биде доделено кај таткото биле ценети добрата материјална состојба на таткото, работната позиција на истиот која му дозволувала подолго време да се посвети на синот како и „предноста на помалите урбани средини за одгледување на децата“
Дополнително, мислењето на Центарот во Охрид требало да биде сомнително за судот, посебно што имале инфорамација дека таткото сакал да го подмити токму Центарот. Таа порака меѓу таткото и неговиот брат постои, но судот не сакал да ја земе во предвид.
Треба темелно да се испита одлуката на судијката Жаклина Доведен, која напиша и дека не се занемарува фактот дека и тужената, односно мајката, има родителски капацитети кои може да ги оправдаат овие потреби на дететето во смисла да му се даде и љубов и емоционална сигурност и поддршка во секој аспект. Но предност му даде на таткото.
„Тужената етикетирајќи прави обид во постапката да ја девалвира родителската улога на тужителот како семеен насилник кој не може да се грижи за сопственото дете. Крајно, од извештајот на ЦСР Охрид произлегуваат сосема други факти и околности кои го дефинираат тужителот како грижлив родител кој има родителски капацитети“, со што судијката ја открива целата шема на одлуката, која се темели на Центарот во Охрид, а кој не е надлежен да дава мислење.
За да ја оправда ваквата одлука уште и напишала:
„Современите социолошки и психолошки теории за родителството од друга страна покажуваат дека улогите во семејството се значително изменети во изминативе децении така што традиционалната поделба на мајката како главен негувател, а таткото како издржувач повеќе не е единствениот модел на семејството. Тоа значи дека стеоротипите за „природната“ улога на мајката се општествено надминати.
Во судскиот процес не биле прифатени ниту вештачењата на детски психолог и детски психијатар кои се единствено надлежни и со лиценца во овие случаи, што фрла уште поголем сомнеж на целиот процес. Судската пресуда се базира на сведоштва на лица блиски до семејството на таткото, во принцип на „рекла-казала“ приказни, несериозни да се спомнуваат.
Охридскиот суд не ги прифатил ниту доказите дека таткото е прекршочно осуден за лажно пријавување ниту пак доказот дека психосоцијалниот третман определен како мерка за превенција од семејно насилство за таткото завршил неуспешно.
Продолжува…