ЈП „Водовод и канализација“: Комплетно е неточно и најостро демантираме дека во водата во Скопје има Escherichia coli

Од:

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје попладнево најостро ги демантираше информациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење во Скопје. Направени се дополнителни анализи и водата во Скопје е безбедна и исправна за пиење и употреба. Јавното претпријатие најави дека ќе поднесе соодветни пријави до Министерството за внатрешни работи за субјектите и центрите кои шират лажни информации и создаваат општа паника меѓу населението.

– Во врска со шпекулациите што се шират во јавноста за наводно присуство на бактеријата Escherichia coli во водата за пиење од водоснабдителниот систем во градот Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ја информира јавноста дека истата е комплетно неточна и најостро ја демантираме истата, се посочува во соопштението што Јавното претпријатие го објави на Фејсбук.

Оттаму наласуваат дека покрај редовните секојдневни испитувања на квалитетот и безбедноста на водата за пиење, дополнително се извршени и испитувања на земени примероци од водата.

– Резултатите од дополнителните анализи не потврдуваат присуство на испитуваните микроорганизми. Испитуваните примероци ги задоволуваат пропишаните критериуми согласно Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник на РМ“, бр. 183/18). Во испитуваниот примерок кој е вонредно земен и анализиран со брза PCR техника во тек на вчерашниот ден, 11.08.2026 година, не е детектирано присуство на геномски копии од колиформи бактерии, ниту од Escherichia coli, ниту од Pseudomonas aeruginosa – се наведува во информацијата.

ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, како што се потенцира, континуирано го следи квалитетот и безбедноста на водата за пиење преку редовен, секојдневен мониторинг и лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории согласно стандардот ISO 17025.

-Дополнителните испитувања се спроведени со цел уште еднаш да се потврди безбедноста и исправноста на водата за пиење и да се отстранат сите сомнежи предизвикани од неточните информации што се шират во јавноста – посочуваат од скопски водовод.

ЈП „Водовод и канализација – Скопје“ ги повикува граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и шпекулации кои можат да предизвикаат непотребна загриженост. Водата од водоснабдителниот систем во градот Скопје, како што велат, е безбедна и исправна за пиење и употреба.

Би можело да ве интересира

МЗ: Нема регистриран пациент чија состојба се поврзува со загадена вода во Скопје

Горан Наумовски

СДСМ: Мицкоски ја труе цела Македонија – По седум градови, сега и Башино Село и изворите во Елшани и Велестово во Охрид

СДСМ: По седум градови, Лепенец и Вардар – сега Рич и Белотино со загадена вода

Истрага против три лица за загадување на водата во Гостивар – не може да се употребува за ниту една намена

А1он

Клековски: Потребни се дополнителни анализи за да се утврди изворот на заразата во Гостивар

Скандал со загадената вода во Струга – Обвинителството покрена истрага