На петтемина од вкупно осум осомничени за корупција на Економскиот факултет на УКИМ, кои завчера беа приведени во полициска станица, Обвинителството наместо мерка притвор им одреди мерка претпазливост – одземени им се пасошите и треба да се јавуваат во судот, соопшти денеска на прес-конференција јавната обвинителка Лидија Раичевиќ која ја води на преткривичната постапка во предметот „Еразмус“.
Во предметот, кој се обработувал во 2015 и 2016 година, се осомничени осум вработени на Економскиот факултет кои биле меѓусебно организирани во коруптивни дела, шест редовни универзитетски професори, еден демонстратор и управител на бифето на факултетот.
Одлуката за мерка претпазливост за петте осомничени била донесена по анализа на нивната здравствена состојба и по разгледувањето на нивните семејни и материјални околности, нивниот работен статус, какви планови имале за патување и дали имало можност за бегство или влијание врз сведоци.
– Од моментот кога обвинителот доби потврда од МВР дека сите докази се обезбедени одлучи да го замени предлогот за обезбедување мерка притвор во мерки за претпазливост. Овие мерки се благи и може делуваат како привилегија кон обвинитетите, но воопшто не значат тоа. Суштината на делата е многу тешка, се работи за посебни групи жртви, тоа се студенти кои во подолг период имале притисок и не можеле да ги полагаат испитите на регуларен начин. Со целокупниот професионален кредибилет ќе ја добие длабината на суштината што значи кривично дело корупција и злоупотреба на службената положба, рече Раичевиќ, додавајќи дека обвинителската одлука ќе ја објави по давањето на нивните одбрани во законита постапка.
Останатите тројца осомничени за кои постапката не е итна и не се задржани во полициска станица, во наредните денови ќе одат на разговор кај јавниот обвинител.
Раичевиќ рече дека имињата на сите осомничени се звучни и познати се во јавноста, но дека нема да ги елаборира доказите кои се во постапка иако, како што рече, лично има голема желба да покаже што точно се случувало. – Доказите за овој предмет се многу цврсти и многу ми е жал што законот не ми дава можност јавно да ви ги презентирам, истакна обвинителката.
Го именуваше само проф. Бобек Шуклев кај кого на паркингот на УКИМ во понеделникот биле најдени обележани 1.000 евра, во полициска акција само шест минути по кривичното дело за кое е осомничен.
Сомневања за корупција кај овие лица имало и во 2014, а Јавното обвинителство се вклучило во 2015 година кога била дадена наредба за примена на посебни истражни мерки.
– Се работеше за сериозно сомнение за коруптивни кривични дела. Дејствијата на нивното извршување никогаш не се јавни, тешко се откриваат, сторителите се кријат. Се работи за интелектуалци и луѓе во висок општествен ранг. Тој факт што се работи за кривични дела што тешко се откриваат му налагаат на јавниот обвинител да преземе се што му стои како механизам за да ги открие. Од тие причини беа спроведени посебни истражни мерки. Заедно со голем број други докази, тие ПИМ мерки резултираа до акцијата која се спроведе критичниот ден кога професорот Бобек Шуклев беше задржан на паркингот пред просторот на Универзитетот, рече Раичевиќ.
Со акцијата раководел јавниот обвинител. Кога дејствието на кривичното дело било довршено, јавниот обвинител издал наредба во рок од половина час да се организира акција за задржување на лицето и преземање мерки за обезбедување докази.
– За половина час да организирате акција во која ќе ги обезбедите најефикасен и на најдобар можен начин доказите заслужува пофалба, а никако критика. Ни едно човеково право не е нарушено, ниту законитиот тек на постапката е нарушен со каква било постапка, наредба на јавниот обвинител и на Министерството за внатрешни работи, рече Раичевиќ.
Таа негираше некои тврдења дека со завчерашната акција на универзитетскиот кампус бил извршен упад во автономијата. Посочи на Законот за високо образование и одредбата за неповредливост на просторот што го поседува Универзитетот, но посочи дека таа вклучува и отстапка во случаи кога се прават кривични дела или каде некој се однесува противправно.
– Полицијата и другите државни органи во ситуации кога се соочени со затекнато лице во извршување кривично дело или треба да спречат извршување кривични дела можат слободно да влезат во овој простор. Во сите останати ситуации ректорот треба да биде известен. Автономија по дефиниција не значи и анархија. Исклучена е можноста и се противам на секое мислење кое смета дека со оваа акција е извршен упад на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, додаде Раичевиќ на прес-конференцијата.
На новинарско прашање одговори дека меѓу осомничените се и други професори и член на МАНУ. – Пријавата е поднесена и за него, но за дејствијата и начинот на извршување на кривичните дела, степенот на противправност осцилира и кога ќе добијам исказ тогаш ќе може да зборуваме што се случило со него, рече Раичевиќ.
Во врска со вчерашното соопштение на ОЈО во кое освен за поткуп со пари се наведуваат и сомневања за барање сексуални услуги, таа потврди дека има сомненија за двајца од осомничените.
– Инсистирам да се објави терминот сомненија од причина што имаме докази, но сферата која се штити овде е индивидуалната полова слобода и определеност и токму затоа барам поголемо внимание. Додека не се докаже во судска постапка да не биде експлоатирана до крајни граници, рече обвинителката Раичевиќ.