Нема дискриминација во случајот со актерката Емра Куртишова, тврди министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, јавува ТВ Телма. Според неа, граничните служби на скопскиот аеродром не и дозволиле на Куртишова да отпатува за Германија, бидејќи таа не ги исполнувала во целост условите предвидени во шенгенскиот код.
– Едноставно полицискиот службеник е задолжен во секој конкретен случај прво да провери дали лицето кое патува ја поседува потребната сума пари, која во конкретниот случај за Германија изнесува 43 евра по ден. Значи ако лицето има повратна карта за два месеца мора да обезбеди по 43 евра за сите 60 дена, изјави Јанкулоска за Телма.
На 28-годишната Емра Куртишова, актерка, вработена во Театар за деца и младинци во Скопје, во четвртокот и’ беше забрането да ја напушти државата и да отпатува во Германија кај својата сестра.
Таа имала уреден пасош и авионска карта, но, службеникот на аеродромот „Александар Велики“, ја поништил нејзината авионска карта и ја вратил да си го земе багажат. Бидејќи не само што имала патни исправи, авионска карта, пари, туку и гарантно писмо, таа е убедена дека службеникот така одлучил затоа што е Ромка и вели дека се работи за очигледен случај на дискриминација.