Цврстината на доказите треба да ја оцени судот во евентуална постапка, но стојам на ставот дека последниот извештај што беше предмет на разгледување на Владата, а изготвен од страна на независна комисија, фрлаше светло на настани кои претходно не беа разгледани односно содржеше податоци кои во претходните извештаи доставени до обвинителот и разгледани во рамки на истрагата не беа земени предвид.
Вака одговори министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска на новинарско прашање до каде е истрагата за случајот во кој загина поранешниот претседател Борис Трајковски.
Во однос на конкретниот исход од анализата на тие податоци, потенцира таа, повикувајќи на трпение и да се сочека крајот на истрагата, ако се направи ретроспектива одговорот кој доаѓа од босанските власти во последните неколку месеци, посочи, е различен и попозитивен во однос на сите претходни.
Тоа, подвлече министерката, ми дава верба дека сепак таа истрага ќе продолжи и оти ќе се разгледаат внимателно сите докази содржани во последниот извештај и на крајот во една независна постапка ќе се даде последниот суд.
– Лично сметам дека тој извештај, со оглед на тоа што веќе имаме извештај кој е различен во однос на се друго што претходно било разгледано, заслужува должно внимание и од нашите власти и од босанските, рече Јанкулоска и додаде дека во оваа фаза не би можела да каже дали тој извештај ќе значи одговор на сите отворени прашања.
– Верувам дека некои околности кои претходно не можеше да се расчистат ќе добијат едно ново светло, изјави Јанкулоска.
Јанкулоска нагласи дека со оглед на тоа што се работи за специфично стручна проблематика, таа не може да си дозволи да ги коментира работите за кои нема соодветни квалификации. Изрази уверување дека тоа ќе го направат институциите кои имаат такви квалификации и ќе дадат одговор дали тие податоци кои во овој извештај прв пат се дадени значат нешто што не го знаеме или не сме можеле да го знаеме, подвлече, врз основа на податоците кои претходно сме ги имале.
Министерката Јанкулоска потсети дека пред извесно време пред Владата независна експертска комисија презентираше извештај во кој се содржани податоци кои претходно не беа содржани во ниту еден извештај.