Јанева заглавена со седум кредити во банките, лани си купила и животна полиса

Од:

Во последниот анкетен лист, кој поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, го доставила до антикорупционерите, пријавила дека во две банки чува приближно 98 илјади евра, а нејзинот син Лазар, десет илјади евра.

„А1он“ ги доби последните анкетни листови на ексспецијалните обвинители од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).

Јанева за себе подигнала седум кредити (од кои пет за време на мандатот), отворила две кредитни картички, а зела и кредит за децата. Вкупнот износ што треба да им го врати на банките е 137 илјади евра.

Последните два кредита ги подигнала годинава на сума од 9.900 евра. Таа отворила трансакциски сметки во три различни банки, a на нив  пријавила над 700 евра.

Кредитите пријавени во последниот анкетен лист на Јанева

Поранешниот прв човек на СЈО, во анкетниот лист, кој го поднела до антикорупционерите на 6 ноември годинава, пишува дека се обезбедила со полиса за животно осигурување во вредност од 45 илјади евра, која ја купила лани. Во анкетниот лист наведено е и „аудито А6“, што го купила годинава за сума од шест илјади евра. Во 2015 година Јанева купила два стана од 68 и 72 квадрата во вкупна вредност од 160 илјади евра.

Според базата „Отворени финансии“ на Министерството за финансии, Јанева зела и 157 илјади евра за надоместоци за доверливост надвор од платата.

Најголем штедач меѓу ексспецијалните обвинители е Стевчо Донев. Тој во четири банки, според податоците од ДКСК, чува над 144 илјади евра. Донев пријавил и депозити на име на своите родители и на децата.

Обвинителката Лиле Стефанова, освен земјиште и две куќи во Радовиш, кои ги има уште од 2001 година, по доаѓањето во СЈО, во 2016 пријавила стан на име на ќерката од 72 илјади евра. Од 2017 до 2019 на свое лично име пријавила денарски депозити од 40 илјади евра во две банки, а нејзиниот сопруг од 2016 до 2018 пријавил депозит од 10 илјади евра, исто колку и ќерка ѝ. Во 2015 година Стефанова зела кредит од 10 илјади евра, кој треба да го намири в година. Базата „Отворени финансии“ покажа дека Стефанова добила над 90 илјади евра за надоместоци надвор од платата.

Голема e разликата меѓу она што обвинителите го пријавиле во анкетните листови за имотната состојба со платите и надоместоците што тие ги примале во последниве четири години

Обвинителот Гаврил Бубевски, освен возилото што го купил на лизинг, има и стан од 48 квадрати, што го купил во 2017 година и вреди 58 илјади евра. Десетте илјади евра депозит што ги пријавил во 2015 година ги потрошил.

Фатиме Фетаи го пријавила кредитот од 78 илјади евра, кој ќе го исплаќа во наредните 20 години. Пријавила дека сопругот добива 12.500 денари плата и дека има накит што вреди речиси 10 илјади евра.

Ленче Ристоска чува 32.520 евра во банка, купила градежно земјиште во Скопје и Долно Дупени. Обвинителот Артан Ајро годинава купил „БМВ 530д“ од 21 илјада евра, а во 2015 уште пред да дојде во СЈО, наследил куќа и земјиште со двор во Струга од 58 илјади евра. Истата година тој купил стан во Струга од 40 илјади евра. Во 2016 година Ајро наследил куќа со двор во Скопје од 117 илјади евра. Тој има денарски и девизни заштеди, од кои повеќето се стекнати уште пред тој да стане специјален јавен обвинител. На личните трансакциски сметки тој има 63 илјади евра, а децата на штедните сметки имаат над 14 илјади евра.

Обвинителот од Куманово, Бурим Рустеми, во текот на мандатот во СЈО купил „мерцедес бенц“ во 2016 година за приближно 6 илјади евра, а во 2018 и 2019 купил акции од над 17 илјади евра. На својата трансакциска сметка Рустеми пријавил дека има над 10 илјади евра.

Последата заедничка прес-конфренција на Јанева и сите обвинители од СЈО, на 29.07.2017 година

Семејството на обвинителот Трајче Пеливанов купило два автомобила откако тој станал специјален јавен обвинител. За себе купил „мазда 6“ за 16 илјади евра, а на име на сопругата пријавил „мазда 2“ за 4,7 илјади евра. Пеливанов зел станбен кредит и во 2017 купил стан од 86 квадрати, кој чини 113 илјади евра.

Обвинителката Елизабета Јосифовска, на која мандатот ѝ истече на 15 септември оваа година, има два кредита на свое име – еден од 170 илјади евра и друг од 10 илјади евра. Со тие пари на децата им купила два стана. Нејзиниот сопруг годинава подигнал кредит од 20 илјади евра.

Обвинителот Љубомир Лапе пријавил дека купил автомобил „фолксваген пасат“ на свое име од 13.900 евра, а неговата сопруга купила „мазда ЦХ3“ од 18 илјади евра. Тој пријавил дека на девизната сметка има 816 евра, а на трансакциската околу 27 илјади евра.

Платите и надоместоците на поранешните специјални обвинители предизвикаа големо внимание во јавноста во последниов период. Она што е евидентно е дека е голема разликата меѓу она што обвинителите го пријавиле во анкетните листови за имотната состојба со платите и надоместоците што тие ги примале во последниве четири години.

Би можело да ве интересира

Пандов: Јанева има право пак да побара да работи надвор од затворот, нека побара

Катица Јанева го загуби правото да работи надвор од затворот „Идризово“

Катерина Ѓуровски

Ниту измените во Кривичниот законик, ниту најавената амнестија не ја опфаќаат Катица Јанева

Дел од измените на Кривичниот законик од утре стапуваат на сила: Што ќе значат за осудените ексфункционери

Александар Тодески

Пендаровски одби да ја помилува Катица Јанева

A1on

Судот во Стразбур ќе ја објави одлуката за поништената аболиција на Иванов

Катерина Ѓуровски