Гласот на Миле Јанакиески се слуша во речиси сите бомби на специјалното јавно обвинителство во предметот за изборни измами „Титаник”.
Јанакиески на соговорничка во разговор од 2013 година ѝ вели дека сите што излегле на гласање треба да се препознаат и да се потпишат во список во месните комитети по гласањето. „Јас ги евидентирам тие што излегле да гласаат во софтвер во Пауерпоинт“, му раскажува Јанакиески на соговорник во разговор од 25 март 2013 година.
„Тие што излегле да гласаат, треба да се потпишат кога ќе гласаат во месниот комитет. Сами ќе доаѓаат. Тоа е некој систем на дупла контрола“, вели Јанакиески.
Тој ѝ вртел на Елизабета Канческа Милевска, тогашната министерка за култура, за вработените во Филхармонија и МОБ, Елизабета Мицевска и Златица Попоска, да излезат на галаат за ВМРО-ДПМНЕ. „Таа ја знам, а на Златица ќе ѝ се јавам“, му одговара Канческа Милевска.
Во друг разговор, сега обвинетата, тогаш заменичка на министерот за правда, Билјана Бришкоска Бошковски, се кикоти на телефон откако Јанакиски ѝ вели дека сите до еден каде што се јавува му ветуваат дека ќе гласаат. „Има ефект тоа“, ѝ вели Јанакиески. Бришкоска му одговара со смеење дека е нормално оти има ефект, зашто им врти директно тој.
Јанакиески му вртел и на тогашниот директор на ЈП „Паркови и зеленило“, во Министерствата за земјоделство и за труд и социјална политика.
„Од приватни фирми 1000 души собравме на список“, му се фали Миле Јанакиески на соговорник. „Че леташ од работа утре ако не гласаш“, му раскажува ексминистерот на соговорник за вработен за кој не биле сигурни дека ќе излезе да гласа.
Васко Маглешов