Извештај на СЕ: Македонија меѓу земјите со највисока стапка на затворање

Од:

Советот на Европа (СЕ) денеска објави два извештаја од кои првиот за еволуцијата на ситуацијата во европските затвори од 2005 до 2015 година, а вториот за еволуцијата на престапниците – странци кои се наоѓаат во затвор или на условна казна од 2009 до 2015 година. Од податоците произлегува дека Република Македонија е меѓу европските земји со највисока стапка на затворање.

Во извештајот „Затворите во Европа 2005-2015“ се открива дека од 2005 до 2015 година, географската распределба на стапката на затворање (бројот на затвореници на 100.000 жители) остана стабилна во Европа. Во 2005 година, овие стапки имаа тенденција да се намалуваат одејќи од исток кон запад, со неколку исклучоци: Англија и Велс, Шкотска, Шпанија и Португалија со релативно високи стапки на затворање, додека оние во Хрватска, Грција, Словенија и Турција беа ниски.

Од 2005 до 2015 година, земји со највисоки стапки на затворање беа Албанија (од 109,3 до 207,2), Грузија (од 200,6 до 274,6), Литванија (од 233,4 до 277,7), Република Македонија (од 104,8 до 168,9), Црна Гора (од 134,5 до 176,8) и Турција (од 75,8 до 220,4). Од друга страна, Германија (од 95,7 на 77,4) и Холандија (од 94 на 53) се приклучија на земјите со најниски стапки на затворање, додека Естонија (од 327,4 до 210,3) и Латвија (од 313,4 до 223,4) остро го намалија нивното.

Овој извештај содржи информативен лист за секоја администрација во затворите, придружен со клучните податоци и табели кои ја прикажуваат еволуцијата на 17 индикатори, како и релативното рангирање на секоја земја (ниско, средно или високо ниво за секој индикатор) во споредба со 47. земји-членки на Советот на Европа, вклучувајќи ги и 28. земји-членки на ЕУ. Информативниот лист за Република Македонија се наоѓа на следната адреса: http://wp.unil.ch/space/files/2018/12/The-FYRO-Macedonia.pdf

Според извештајот „Престапниците странци во затвор и условна казна во Европа“, во текот на последната деценија, просечниот процент на странски затвореници е генерално стабилен во Европа (12 проценти). Процентот на странци во затворската популација остана на ниско ниво во Централна и Источна Европа (помалку од 5 проценти), а поголем во повеќето земји од ЕУ и ЕФТА, каде што дури и се зголеми.

Извештајот истакнува дека во 2005 година малку земји имаа податоци за условна казна, бидејќи овие информации не беа собрани или дека во некои земји санкциите и алтернативните мерки за затворање се уште не беа применети. Во 2015 година, распределбата на стапките на условна казна во Европа беше многу хетерогена и не следеше јасна географска дистрибуција. Во исто време, бројот на лица кои биле на условна казна е поголем од бројот на затвореници.

Нордиските земји и Холандија имале ниски стапки на затворање и ниски стапки на условна казна. Спротивно на тоа, затворските администрации во Англија, Велс, Полска и Турција имале високи стапки на затворање и условна казна. За уште една група на земји, вклучувајќи ги Шпанија, Франција, Белгија, Луксембург и Грција, двете стапки беа умерени до високи.

Во 2015 година, процентот на странци ставени под надзор на службите за условна казна беше многу помал од процентот на странци кои се држеа во казнените институции. Според директорот на студијата, професорот Марсело Аби, постои сложена врска меѓу стапките на затворање и стапките на условна казна. Тоа што го откриваат податоците е дека отворените санкции и мерки не мора да се користат како алтернативи, туку како мерки што се применуваат во прилог на затворање.

Овие две детални траснсверзални студии беа спроведени од Универзитетот во Лозана, а кофинансирани од Европската унија и од Советот на Европа. Тие имаат за цел да обезбедат сигурен збир на податоци за главните индикатори за затворите и условите во 47 држави-членки на Советот на Европа, кои можат да овозможат подобра анализа на ситуацијата во оваа област и да помогнат националните власти да донесуваат информирани одлуки за криминални реформи.

Овие студии помогнаа да се ажурираат, систематизираат и стандардизираат податоците собрани во текот на годините за Годишната казнена статистика на Советот на Европа при затворските администрации и условните служби на целиот континент.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Снајперисти ги убија напаѓачите во затворот во Волгоград

(ВИДЕО) Заложничка драма во Русија: Напаѓачите убија три лица, бараат хеликоптер да дојде да ги земе

Горан Наумовски

Бунт во затвор во Волгогрaд: Затворениците ги земаа вработените како заложници, најмалку еден вработен загина

Горан Наумовски

Човек помина 50 години невин во затвор: Сега добива милионска отштета

Загинаа 11 затвореници во обид за бегство од затвор на Хаити

A1on

Хаос во затворот во Торино: Подметнат пожар, повредени се неколку чувари