Македонија продолжува со непопуларниот тренд на надолна линија на листатата на медиумски слободи.
Земјава се најде на последното место во регионов благодарение на новите рестриктивни закони и насилството врз новинарите, како и апсењето на новинарот Томислав Кежаровски, се вели во последниот извештај на „Фридом Хаус“.
Македонија е 125 позиција во светски рамки, во групата на делумно слободно медиуми, дури зад Колумбија, Танзанија, Нигер, и Брегот на Слоновата коска. Во регионов Босна и Херцеговина е на 107 место, заедно со Грција, Косово и Албанија на 49 позиција, Романија 42, Србија на 40 место заедно со Хрватска и Црна Гора на 39 позиција. Унгарја 37 и Словенија на 25 позиција.
– Неколку земји во Западниот Балкан и понатаму се со загрижувачки тренд за кршење на слободата на медиумите во 2014 година. Состојбата на медиумите е обележана со неколку заеднички проблеми: користењето на законите за клевета и навреда од политичарите и бизнисмените за да се сузбие критичкото известување, провладина политика во јавните радиодифузни сервиси, притисоци врз уредници од страна на политичките лидери и приватните сопственици, што води до самоцензура, заплашување, закани и напади врз новинари за кои не се изрекуваат казни, како и нејасна сопственичка структура.Резултатот на Македонија опадна за 10 поени во изминатите 10 години, со што е најлошата земја на Балканот“, пишува во извештајот.
Норвешка, Шведска, Белгија, Финска, Холандија и Данска остануваат најслободни земји за работата на медиумите.
Во извештајот за Македонија се спомнува и апсењето на новинарот Томислав Кежаровски за кое се наведува дека завршил во притвор и му е одредена казна затвор под сомнителни обвиненија дека го открил идентитетот на заштитен сведок во случај за убиство.
Цел на критика на извештајот е и Србија за која се наведува дека е забележан голем пад на слободата на печатот.