Измените на Изборниот законик во собраниска процедура, забелешки од помалите партии и независните кандидати

Од:

Измените на Изборниот закон на предлог на група пратеници влегоа во собраниска процедура. Тие, освен препораките на ОБСЕ/ОДИХР, содржат и компромисен предлог за начинот на спроведување на престојните локални избори, кои според најавите и на власта и на опозицијата, треба да се одржат на 17 октомври. Отворените листи се дел од компромисниот предлог, како и прагот од три отсто за преференцијалните кандидати за советници, за кој имаше забелешки, особено од помалите партии, но и реакции од оние кои на изборите сакаат да учествуваат со независни листи.

Предлог измените вчера се најдоа и на седница на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, но не беше утврден ниту дневниот ред поради тоа што пристигнале над 500 амандмани и материјалите требало да се средат.

Претседателката на Комисијата Соња Мираковска за МИА изјави дека за измените се поднесени 500 амандмани. Главна причина да се прекине работата на Комисијата, како што рече, биле поднесените амандмани и потребата да се средат материјалите, но и да се остави повеќе простор за изјаснување на пратениците по упатените забелешки.

Министерот за правда Бојан Маричиќ очекува тие да бидат донесени до крајот на месецот, пред летната пауза на Собранието Тој смета дека предлогот кој влезе во Собранието е добар, но како што истакна, може да претрпи измени во собраниската процедура.

Според министерот Маричиќ, долго се работело на текстот на измените на Изборниот законик, се преговарало на повеќе нивоа, по што се дошло до овој компромисен предлог, во кој се содржани отворените листи. Се разговарало во работна групи во Министерството за правда со сите засегнати страни, подоцна бил дискутиран на ниво на четирите најголеми политички партии, коишто имаат претставници во ДИК, а во наредната фаза се разговарало и со партиите коишто немаат членови во ДИК, а имаат пратеници во Собранието.

Моделот е компромисен и тоа, како што рече Маричиќ, не значи дека сите до еден се согласиле. Некои партии сакале да ги врзат отворените листи со изборниот модел за парламентарните избори, но тоа не наишло на согласност и расположение кај останатите.

Предлогот во текот на процедурата може да претрпи измени преку амандмански интервенции или пак може и да не биде усвоен, бидејќи како што нагласи Маричиќ, тоа зависи од волјата на мнозинството пратеници.

– Очекувам дијалог, очекувам дебата и очекувам да се изгласа законот или во оваа форма што би било најдобро или во изменета форма согласно волјата на пратениците, нагласи Маричиќ.

За предложениот изборен модел појасни дека она што како компромисен предлог било утврдено е да има отворени листи со една преференција на еден советник покрај заокружување на партијата, коалицијата или листата, односно граѓанинот да има можност да заокружи и еден број пред името на советникот којшто го преферира.

– Оние советници коишто ќе добијат повеќе од три проценти од запишаните гласачи во таа конкретна општина би влегле преференцијално први, а останатите советници, останатите освоени места на партијата, коалицијата или листата ќе бидат пополнети според редоследот на предложените кандидатски листи како и досега. Доколку граѓаните немаат желба да гласаат преференцијално за еден советник, нивниот глас ќе се смета само за партијата, коалицијата или листата и на тој начин и ќе се распределуваат потоа мандатите. Исто така, ако некој граѓанин заокружи повеќе од една преференција гласот ќе се смета само за партијата. Тоа е суштината на моделот. Суштината е да се овозможи покрај за партија или коалиција од партии да можат граѓаните да гласат и за личности и би било идеално доколку го направиме тоа, рече Маричиќ.

Во однос на прагот од два отсто за независните кандидати, истакна дека врз основа на разговорите со политичките партии се дошло до овој процент и тој смета дека тоа е компромисен предлог којшто треба да помине така во Собранието.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека поддржуват измени и дополнувања на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР со кои ќе се овозможи поголема транспарентност на изборниот процес и поголема ефикасност на изборните органи, но, пред се, поголема можност за избор на граѓаните со непосредно гласање за посебно по една личност –кандидат од секоја предложена листа на партиите и независните листи на кандидати.

Ваквата опција за отворени листи, според ВМРО-ДПМНЕ, овозможува поголема демократија во која личноста на кандидатот, а не само партијата, ќе бидат избирани од страна на граѓаните да одлучуваат за нивната општина.

-Измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ-ОДИХР се пракса пред секои избори во консензус со партиите да се подобри изборниот процес со крајна цел фер и демократски изборен процес, пред се, во интерес на опозициските партии, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со реакција на предложените исмени излезе и претседателот на државата Стево Пендаровски, кој, пак, очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила.

-Доколку сепак во овој период се оди со измени, став на претседателот е, тоа да биде со поширок политички и општествен консензус постигнат, не само меѓу власта и опозицијата, туку и со релевантните организации од граѓанскиот сектор. Во врска со најавениот Предлог за измена и дополнување на Изборниот законик, во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес, наведоа од Кабинетот на Пендаровски.

Реакција имаа од ЛДП и ДОМ, за кои, како што нагласуваат, неприфатлив предложениот праг од 2 проценти за независни кандидати на локалните избори. Ниниот предлог е прагот да изнесува 0.5 проценти, бидејќи, како што посочуваат, само така ќе се овозможи олеснато вклучување на независните кандидати во единиците на локалната самоуправа.

– Во однос на останатите поднесени амандмани ние за отворените листи бараме наместо прагот со преференца од 3 проценти од вкупниот број избирачи на избирачкиот список да биде 10 проценти од бројот на вкупно освоени гласови на листата или пак воопшто да нема праг. Финансирањето од буџетот предложено во предложените измени на изборниот законик ги фаворизира големите партии со што тие ќе добиваат по 45 проценти од средствата, за нас е тоа некоректно бидејќи се ставаат во поповолна положба 4-те големи партии од власта и опозицијата, истакнуваат пратениците од ЛДП и ДОМ.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ја почнува во Охрид

Катерина Павлова-Николовска

Собранието ги донесе измените на Изборниот законик

А1он

Измени на Изборниот законик по локалните избори

Катерина Павлова-Николовска

Заев: Прагот од два отсто за потписи за независните листи ќе биде или намален на еден отсто или укинат

Катерина Павлова-Николовска

Пендаровски нема да ги потпише измените на Изборниот законик

Кристијан Ландов

ДКСК: Носењето на измените во Изборниот законик пред започнување на изборниот процес е спротивно на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори 2017

Ана Ололовска