Ивановски до Ставрески: Да те потсетам, едно време ти беше во СДСМ!

Од:

Собраниската комисија за финансирање и буџет денеска ја продолжи општата расправа по ребалансот на Буџетот за 2013 година со кој се додаваат средства на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и на Министерството за образование и наука.

Игор Ивановски од СДСМ оцени дека носењето на ребалансот има недостиг од формално-правен аспект бидејќи Буџетот за 2013 година бил донесен на неуставен начин.

Според него, она што загрижува е што не се корегираат стапките на раст иако се кажува дека економските показатели се добри.

Тоа, рече Ивановски, е така затоа што тенденциите во македонската економија не се целосно позитивни, а потврда е тоа што во ребалансот на Буџетот не се предвидува зголемување на ниту еден даночен приход.

– Го изигравте „ауди“, а не успеавте да доведете ниту еден познат бренд. Тоа беше вашата политика, имавте инвестиции од 9 милиони долари – рече Ставревски.

Ивановски пак му возврати.

– Одговор за тоа зошто „ауди“ се откажа од инвестицијата треба да дадеш ти, зашто тогаш беше заменик гувернер на Народната банка на Македонија и да те потсетам, беше во СДСМ, а јас тогаш студирав и не можам да сносам никава одговорност за тоа – рече Ивановски.

Забележа дека економијата е зависна од задолжувањата кои доколку продолжат, државата ќе ја снајде грчкото сценарио, а најниски се и странските инвестиции од сите држави во регионот.

– Сега сте доминантно зависни и од странските и од домашните задолжувања. Странското задолжување е на 260 милиони евра, а домашното на 160 милиони евра што е околу 430 милини евра вкупно, обвини Ивановски, додавајќи дека до крајот на годината треба да се вратат околу 440 милиони евра земени по основ на краткорочни заеми.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во репликата истакна дека целта е да не се повторат минатогодишните настани и ги повика пратениците да дискутираат за буџетот, а да не се занимаваат со личноста на министерот.

Во врска со приходите, Ставрески појасни дека на веб страницата на Министерството се прикажани нето приходите.

– Тоа што го гледате се нето приходите, бруто приходите кои сме ги собрале по основ на даноци минус повратот на ДДВ. Ете, затоа приходите во февруари беа толку. Тогаш се изврши најголемиот поврат на ДДВ и тоа е доказ кој оди контра вашата теза дека стопанството не ги добило парите, подвлече Ставрески.

Во врска со економскиот раст, тој посочи дека во вториот квартал тој изнесувал 3,9 проценти и е четврти највисок раст во Европа, а во однос на забелешките за ниски странски инвестиции рече дека од 2007 до јули 2013 година вкупните странски инвестиции изнесуваат една милијарда и 750 милиони евра за разлика од времето на СДСМ кога имало 498 милиони евра инвестиции. Додаде дека вкупно 9,5 милиони денари се дадени државна помош за странските инвеститори кои инвестираат во Македонија.

Го повика Ивановски да не тврди дека Македонија доколку продолжи со задолжувањата ќе ја снајде грчкото сценарио затоа што во Грција од 2007 до 2013 година БДП е -25 проценти, а во Македонија плус 11,5 проценти. Втор показател, според Ставрески, е тоа што државниот долг во Македонија денеска е 33,8 проценти од БДП, а во Грција 178 проценти од БДП.

– Погледнете ги бројките. Немојте да излегувате со вакви тврдења. Ниедна земја во регионот нема толку мал долг како Македонија, рече Ставрески.

Во однос на невработеноста, посочи дека таа рекордно ниво достигнала во времето на СДСМ кога изнесувала 38,7 проценти и оти оттогаш е невработеноста е намалена на 28,8 проценти.

– Зголемувањето на невработеноста што се случи во вашиот мандат беше во период кога светската економија одеше добро и имаше општи добри услови. Што ќе се случеше ако СДСМ ја водеше економијата во услови на европска или светска криза, праша Ставрески.

Во однос на забелешките за неповолна бизнис клима, Ставрески рече дека доволен доказ за контра аргумент се извештаите од признати меѓународни организации дека Македонија претставува атрактивна бизнис дестинација.

Независната пратеничка Ленче Николовска забележа дека не им се исплаќаат субвенциите на земјоделците, тутунот се откупува по ниски цени и оти е намалено производството, а паѓа и извозот на земјоделски производи. Според неа, Владата им должи на земјоделците 200 милиони евра за субвенции.

Малиша Станковиќ од Социјалистичката партија во репликата на Николовска оцени дека таа кажала низа невистини и нагласи дека субвенциите се исплаќаат.

– Субвенциите на земјоделците се исплатени. Треба да знаете дека постојат одредени проблеми при исплатата, но треба да прашате кои се тие проблеми. Дали се проблеми по вина на Платежната агенција или се проблемите на друго место, рече Станковиќ.

Според Владанка Авировиќ, парите кои дополнително се обезбедуваат се неопходни и секоја држава грижејќи се за најранливите категории ќе постапи на начин како што се постапува сега. Напомена дека се одвојуваат пари за капиталните инвестиции и оти се остварени одлични економски резултати во услови на светска економска криза.

– Сите овие показатели говорат дека Македонија и во иднина ќе чекори со прудентна политика и ќе обезбедува средства за сите категории, рече Авировиќ.

Од ДПА забележаа дека буџетот е антиалбански и оти ДУИ не се моќни да издејствуваат пари за изградба на капитални инвестиции за Албанците, на што Реџаил Исмаили од ДУИ посочи дека потребите и барањата на Албанците се многу поголеми од она што реално може да се оствари. Напомена дека ДУИ досега има реализирано повеќе проекти со кои е подобрен животот на Албанците.

 

Би можело да ве интересира

МФ: Усвоен Буџетот за 2024 во Собранието, носи инвестиции, развој и одржливост

Пренџов: 20 години ДУИ ги поддржува сите буџети на државата, пари за автопати, мостови и граѓаните нема, ама за бизнисите на челниците на ДУИ има

Горан Наумовски

Собранието го донесе Буџетот за 2024 година

Горан Наумовски

Втор ден општа расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година

Воздухот енормно загаден, а пратениците одбиваат амандмани за Буџетот со кои ќе се намали аерозагадувањето

Орце Костов

Расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024, економскиот раст проектиран на 3,4 проценти, инфалацијата на 3,6