Втор ден општа расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година

Од:

Собранието во рамки на денешното продолжение на 135. седница втор ден расправа по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година. За опозицијата тоа е најмегаломанскиот буџет досега, кој е нереален, нема јасна визија и кој ќе има последици за граѓаните во целата 2024 година. За владејачкото мнозинство, пак, е реален, развоен и ќе обезбеди одржлив економски раст. Расправата ќе продолжи во 15:30 часот по завршување на редовната пауза.

Претходно во општата расправа Диме Велковски од СДСМ посочи дека буџетот за 2024 година треба да обезбеди одржлив економски раст, ликвидност во делот на финансиите, фискална консолидација, зацврстување на фискалната одржливост и спроведување на таргетирани мерки за поддршка на стопанството и на ранливите категории на граѓани.

-Се надевам дека нема да има кризи како во изминативе неколку години и дека сето ова што е предвидено во буџетот ќе биде остварено, рече Велковски.

Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека во областа на животната средина и аерозагадувањето не е направено се што е ветено од владејачкото мнозинство во изминатите години и дека во предлог буџетот не се прифатени амандманите кои беа поднесени од опозицијата во соработка со НВО секторот.

-Вие воопшто не се грижите за животната средина и за културата, а тоа го покажуваат средствата што се определени во предлог буџетот за таа намена. Намалувањето на средствата во животната средина и културата е катастрофално и сите ги чувствуваме последиците од тоа, особено во животната средина. Културата е скапа дејност и ако сакаме да ја негуваме мора да одобруваме повеќе средства, а оваа година на сметка на платите се намалени средствата за програмските активности, рече Стојкова Серафимовска и додаде дека во 2010 година 2,34 отсто од буџетот беа за културата, а за 2024 година се предвидуваат само 1,34 отсто.

Бедри Фазли од ДУИ нагласи дека во предлог буџетот се обезбедуваат дополнителни средства за инфраструктурата, здравството, животната средина, образованието, социјалната заштита, земјоделството, транспортот, туризмот, …

-Со буџетот за наредната година ја менаџираме светската криза и определуваме дополнителни средства за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на фирмите, како и за реализацијата на деветтиот пакет на антикризни мерки, рече Фазли.

Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари. Се очекува раст на бројот на вработени од два процента. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.

Како што истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на првиот ден од општата расправа, најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.

Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент.

До крајот на годинава се очекува натамошно намалување на инфлацијата и таа во просек да изнесува 9,2 проценти, а следната година да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови