Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред пратениците истакна дека е разочаран од исходот на годинaшниот Бриселски самит. Се чини, потенцира, дека старите излитени балкански манири, балкански интереси, аспирации и поделби, сè уште опстојуваат и се наметнуваат на исходите на самитите на Европската унија.
– Се плашам дека одлагањето на процесот за проширување за Република Македонија и за регионот не помага во остварување на определбите на основачите на обединета Европа. Жалам што не се успеа да се испрати вистинската порака. Порака која очигледно, некои не разбираат колку е важна за нас, за нашите граѓани, за нашите општества во регионот, рече Иванов.
Претседателот на Република Македонија им порача дека грешат на оние кои влијаеја на таквите заклучоци на Советот, а им заблагодари за храброста, лидерството и визијата на сите оние кои ја дадоа поддршката за нашата земја.
– Наспроти сè, не само што остануваме верни и определени на нашата темелна евроатлантска насоченост и интеграција, туку и ќе ги уважуваме препораките и ќе ги интензивираме напорите. Ќе соработуваме блиску со Европската комисија и ќе продолжиме со нашите внатрешни реформи. Нашата политика била и ќе биде европска политика, истакна Иванов.
Тој посочи дека Република Македонија ќе продолжи и со политиката на отвореност кон сите, политика која помага да ги прошируваме хоризонтите на нашата севкупна, а посебно економската соработка со светот.
– Отвореноста кон сите е мојот највисок принцип во односите со нашите пријатели и партнери. Во таа насока беа многу од моите посети. На овој план, некои работи сме требале и сме морале многу порано да ги направиме, потенцира македонскиот претседател. Инаку, само оваа 2012 година, Иванов остварил 21 посета на странски држави, а учествувал и на мултилатерални и регионални собири, вклучително и на последното Генерално собрание на Обединетите нации. Остварил 86 средби со шефови на држави и на влади, со највисоките претставници на меѓународни организации.
Во поглед на разговорите за прашањето за името, посочи дека како и досега, искрено и посветено им се пристапува.
– До заемно прифатливо решение може да се дојде доколку не сме соочени со ултимативни барања на штета на нашите национални интереси и идентитет. Секој човек има чувство на припадност и треба да биде слободен тоа да го изрази. „Човековото достоинство е неповредливо. Мора да биде почитувано и заштитувано“. Ова стои во првиот член на Повелбата на основните права на Европската унија. „Сите луѓе се родени слободни и еднакви во достоинство и права“, се вели во првиот член на Универзалната декларација за човекови права, рече Иванов.
Тој истакна дека секогаш реагирал и ќе продолжи да реагирам, кога се посегнува, подвлече, по кој било аспект од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого.
– Тоа се работи за кои никој на овој свет не разговара, а и ние не сакаме и нема да разговараме. Барам најодлучно да се почитува рамката во која се водат разговорите, а на кои се однесуваат Резолуциите на Обединетите нации, на Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата, беше дециден Иванов.
На најодговорните за процесот, генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун и медијаторот Метју Нимиц, Иванов им укажувал да внимаваат процесот да не излегува од рамката.
– Оценуваме дека секое неадекватно решение може многу неповолно да се одрази на целиот регион. Се надеваме дека во времето пред нас, процесот ќе се одвива во духот на толеранција, меѓусебно разбирање и разум што од наша страна никогаш не изостанувале, укажа македонскиот претседател Ѓорге Иванов.