Иванов – Вујановиќ: Македонија и Црна Гора поскоро да влезат во НАТО за добро на регионот и на Алијансата

Од:

Македонија и Црна Гора треба што поскоро да ја добијат заслужената покана за членство во НАТО, која би била во интерес на регионалната безбедност и стабилност, но и на самата Алијанса, оценија претседателите на двете земји Ѓорге Иванов и Филип Вујановиќ денеска во Цетиње.

– Република Македонија незаслужено и спротивно на меѓународното право е блокирана во ЕУ иако сме земја-кандидат веќе десет години. Блокирани сме, исто така, и во НАТО и покрај 16-те акциони планови за членство, покрај учеството во сите мировни операции и покрај пресудата во Хаг во наша корист. Свесни сме дека ЕУ е соочена со сериозни предизвици поради состојбите во еврозоната, источното партнерство, мигрантската криза…, рече претседателот Иванов на заедничката прес-конференција.

Но и покрај тоа, додаде Иванов, Македонија очекува дека проширувањето на Унијата и на Алијансата, не само да продолжи, туку и да се забрза.

– Само на тој начин ЕУ може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува. Само така нашиот регион ќе биде уште постабилен, попросперитетен и поразвиен, рече шефот на државата.

Вујановиќ истакна дека Црна Гора очекува покана за прием во НАТО на министерскиот состанок во декември и го реафирмираше ставот дека Македонија го заслужува членството уште пред седум години.

– Многу сме заинтересирани да се деблокира процесот на НАТО-интеграците на Македонија. Таа блокада која е последица од спорот со Грција трае многу долго. Ние во сите билатерални и мултилатерални активности истакнувавме дека тој процес треба да се деблокира и Македонија да го заврши она што требаше да го заврши во 2008 година во Букурешт и да добие покана. Целиот простор на Западен Балкан заслужува да биде дел од НАТО, кое како воено-безбедносна алијанса значи најдобра гаранција на безбедноста, истакна Вујановиќ.

Двајцата претседатели се согласни дека Македонија и Црна Гора имааат одлични пријателски односи, без отворени прашања и потврдени со голем број меѓудржавни договори. Сепак, сметаат дека економската не е во чекор со политичката соработка.

Иванов истакна дека разговарале за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10.

– Ова е многу значаен патен инфраструктурен проект за Република Македонија и за регионот. Реално, доколку не сме патно и железнички поврзани, не можеме да очекуваме ниту завидна економска соработка. Само преку зголемена економска соработка можеме уште повеќе да ги зацврстиме односите меѓу нашите две земји, но и пазарите и капиталот со останатите држави од регионот, рече Иванов.

Според претседателот Вујановиќ, простор за економска соработка има во сите области, а најголеми шанси, како што рече, во туризмот и земјоделството, т.е. производството на здрава храна. Инфраструктурата е предуслов за соработка во економијата и во трговската размена.

– Сериозен хендикеп е лошата сообраќајна конекција на Црна Гора и Македонија. Тоа не може краткорочно да се совлада и претставува пречка за контакти на компаниите, луѓето и бизнисот и за подобра и квалитетна соработка, истакна Вујановиќ.

Според него, за контактите ќе придонесе и авиоповрзувањето, што може да се реализира со субвенциско мотивирање на нискобуџетни компании за чартер-летови.

Претседателите на денешната средба во Цетиње разговарале и за регионалната и мултилатерална соработка, како и за други прашања меѓу кои актуелната мигрантска криза.

Претседателот Ѓорге Иванов, кому ова му е втора официјална посета на Црна Гора, попладнево ќе има средби со премиерот и со претседателот на Собранието на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Ранко Кривокапиќ, а утре во Подгорица ќе се обрати на црногорско-македонски бизнис-форум.

Би можело да ве интересира

Уставен суд заглавен, изборот на претседател е во ќор сокак

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

A1on

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на Сиљановска Давкова в недела на пладне

A1on

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

A1on

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова – 61,98% , Стево Пендаровски – 30,48%

A1on