Инфраструктурното поврзување, односно реализацијата на иницијативата за проектот Јадранско-јонска магистрала и поврзување со Коридорите 8 и 10, беа централни теми на билатералните средби на претседателот Ѓорге Иванов со неговите голеги од Црна Гора, Албанија и Косово, Филип Вујановиќ, Бујар Нишани и Артифете Јахјага, на маргините на претседателскиот Самит во Драч.
Претседателите се согласија дека овој проект кој ќе ги поврзе пазарите и ќе ја зголеми економската компатибилност и конкурентност на сите инволвирани земји, треба да биде највисоко во агендата на регионалната соработката, јави известувачот на МИА.
На средбите е договорено интензивирање на контактите со цел преку заеднички настап да се обезбеди поддршка од ЕУ за реализација на проектот.
Соговорници разменија и информации за актуелните внатрешни економски и политички состојби во земјите и регионот, како и за состојбите во поглед на евроатлантските интеграции. Претседателите изразија заемна поддршка за интегративните процеси во ЕУ и НАТО, како и позитивни очекувања од претстојниот Европски совет во декември и следниот Самит на НАТО во 2014 година.
Претседателите Иванов и Вујановиќ на средбата констатираа дека нема отворени прашања меѓу Република Македонија и Црна Гора, дека двете земји се фокусирани на идентични надворешно-политички приоритети и цели, членството во НАТО и ЕУ и интензивна регионална соработка. Приоритет во наредниот период, според двајцата претседатели, треба да биде развојот на економската соработка.
На средбата со претседателката на Косово, Иванов нагласи дека Република Македонија опстојува на определбата за градење на добрососедски односи, сестрана соработка и се залага низ отворен дијалог, институционално да се надминуваат сите предизвици. Во таа смисла беше изразено задоволство од надминувањето на неодамнешниот проблем во трговската размена и беше изразена надеж дека во иднина нема да се повторат проблеми кои ја ограничуваат економската соработка меѓу двете земји.
Претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија целосно ги поддржува евроатлантските аспирации на Република Косово и ги поздрави постигнатите резултати во разговорите меѓу Република Србија и Република Косово, што претставува силен импулс за затворање на отворените прашања во регионот.
Претседателката Јахјага изрази задоволство од учеството на 5-от Регионален самит кој ја зголемува вредноста на билатералните, но и на регионалните односи и искажа благодарност до претседателот Иванов за улогата во овие самити ција примарна цел беше вклучување на Косово во регионалните иницијативи.
Иванов и Нишани на средбата изразија надеж дека континуираниот и плоден политички дијалог ќе придонесе за зголемување на економската соработка и трговската размена.
Нишани искажа благодарност за личниот придонес на претседателот Иванов во достигнатото ниво на пријателски односи меѓу двете земји, кои можат да послужат како пример во регионот, како и за ангажманот и улогата на македонскиот претседател на овие самити кои прераснуваат во корисна и значајна традиција, и од кои се очекува да создадат амбиент за реализација на заеднички проекти од корист за сите држави.
Двајцата соговорници констатираа дека евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан е од суштинско значење за регионалната стабилност и развој, а во таа насока потребно е Европската унија да наоѓа решенија и да го одржува кредибилитетот на проширувањето како нивна најуспешна политика.