Македонија годинава ја очекуваат сериозни задачи чие остварување треба да обезбеди благосостојба, почитување на човековите права и европската и евроатлантска иднина на македонските граѓани. Без разлика на нашите неостварени очекувања во изминатата година, останува цврста нашата определба за приклучување кон Европската унија и кон НАТО. Остануваме посветени на нашата политика на отвореност и соработка кон сите и со сите, порача претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Во своето обраќање на вечерашниот прием во Берово што го организира за членовите на дипломатскиот кор во Република Македонија, Иванов изрази уверување дека со искрено обострано залагање и волја, оваа година можат значително да се унапредат и позитивно да се завршат разговорите за проблемот што јужниот сосед го има со името на нашата држава.
– Тука, посредништвото на Обединетите нации, на генералниот секретар и медијаторот Метју Нимиц се есенцијални. Но, поддршката и помошта од вашите држави и добронамерни понуди за посредување се многу добродојдени. Остануваме посветени на процесот во рамката дефинирана со резолуциите, Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата. И во овој аспект најјасно се потврдува исправноста на нашата надворешна политика, која безусловно се темели на почитување на меѓународното право, без кое денес хаосот и анархијата ќе царуваа во меѓународните односи, нагласи Иванов во обраќањето на традиционалниот прием.
Шефот на државата нагласи дека Македонија е подготвена, како и досега да даде свој придонес во надминување на предизвиците кои бараат заеднички одговои, усогласени акции и координирана политика.
– Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, особено за добрососедските односи, кои се двонасочна улица. Македонското општество нема проблем со ниту едно соседно општество. Политичарите се должни да ги следат нашите општества кои се толку испреплетени, економски и културно, вредносно и меѓучовечки. Должни се низ дијалог да ги надминуваат предизвиците и да градат подобра сегашност и подобра иднина за нашите деца, нагласи Иванов.
Говорејќи за состојбите на внатрешен план, Иванов уште еднаш повика на потребата од надминување на кризата во Собранието и зацврстување на демократските институции.
– Секогаш сум се залагал за одговорен пристап кога станува збор за интересите на граѓаните. Со дијалог во рамките на институциите, секој проблем може да биде надминат. Верувам дека ќе се најде излез и од оваа ситуација, бидејќи нè очекува сериозна работа, истакна Иванов.
Претстојните локални избори, според него, треба да одговорат на непосредните и реални потреби и очекувања на граѓаните и да доведат до натамошно зацврстување на локалната самоуправа, како и на македонската мултиетничка демократија.
Во името на претставниците на дипломатскиот кор говореше амбасадорот на Албанија Арбен Чејку, кој посака Македонија и Грција да најдат прифатливо решение на спорот за името, за земјава што побргу да ги почне пристапните преговори со ЕУ и да стане полноправна членка на НАТО. Тоа, како што рече, е во интерес на вашата земја и за евроатланската перспектива на целиот регион и западниот Балкан.
– Европската Комисија во својот редовен извештај за напредокот на Македонија по четврти пат препорача дека пристапните преговори со Европската Унија треба да почнат. НАТО исто така ги повтори своите високи оценки за исклучителниот придонес што вашата земја го дава за мисиите на Алијансата, заедно со другите НАТО сојузници, изјави Чејку.
На приемот што традиционално секоја година го организира претседателот Иванов за членовите на дипломатскиот кор во Република Македонија присуствуваат 56 претставници и амбасадори во земјава, кои утре ќе ги посетат културно историските споменици во Берово.