Нашата современа економија е привлечна за секој бизнисмен, претприемач и компанија што има желба да инвестира во Република Македонија. Добриот домаќин ги знае потребите и желбите на своите гости. Оттука, постојано ги подобруваме бизнис-климата, можностите за инвестирање и глобалната конкурентност на македонската економија.
Тоа го наведе претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето на приемот за учесниците на 2. Глобален инвестициски самит „Македонија 2025“, што се одржува во Охрид.
На учесниците на самитот им се заблагодари за поддршката и визијата за просперитетна економска клима во земјава и рече дека нивниот нескротен ентузијазам нè инспирира и мотивира да работиме уште попосветено за да ја направиме Македонија инвестициски рај.
Според Иванов, пред неколку години, Македонија го прифати предизвикот и се вклучи во глобалната трка и оттогаш напредува во неколку економски, бизнис и инвестициски аспекти. – Во време на глобална финансиска и економска криза, владите во светот ја научија важноста на економијата, на соработката и партнерството со бизнис-заедниците. Државите ја научија важноста од регионалните инфраструктурни и енергетски проекти. Ние, претседателите на неколку земји од регионот на Југоисточна Европа, работиме на еден таков проект: поврзување на Јадранско-јонскиот транспортен коридор со Коридорите 8 и 10, проект што ќе го направи целиот регион поконкурентен од други региони, рече Иванов.
Преку постојани реформи, оцени, го израмнивме патот за проток на капиталот.
– Ги намаливме и ги израмнивме даноците, ги избалансиравме јавните финансии со низок буџетски дефицит, стабилен девизен курс и низок јавен долг. Имаме долгогодишна макроекономска стабилност. Преку регулаторната гилотина, ги отстранивме сите правни и административни бариери кои би можеле да се испречат на патот на потенцијалните инвеститори. Веќе ги знаете високите оценки за македонската економија.
Во сржта на овие реформи е човечкиот капитал. Пред да станам претседател, бев универзитетски професор и знам дека најголемата вредност се човечкиот ум, интелект, работливост и креативност, посочи претседателот Иванов, додавајќи дека човечкиот капитал е нашиот најголем потенцијал, сила и ресурс, што треба да се искористи за да донесе богат плод.
Во Македонија, како што рече, ќе најдете вистински услови за почнување голема и перспективна соработка на полето на иновациите, науката, истражувањата и развојот кои се високи приоритети во нашата агенда. Во Македонија ќе најдете сигурни бизнис-партнери и лојални работници. Располагаме со релативно млада, високообразована работна сила која е талентирана и напорно работи, наведе македонскиот претседател.универзитетите и со академските центри во делот на иновациите, науката, истражувањата и развојот.
Универзитетите, пак, смета Иванов, треба да ја користат законската рамка и да продолжат со градење технолошки паркови, start-up акцелератори и други креативни проекти, со што се поттикнува и претприемачкиот дух на младите.
– Последно, но не и по значење, ја охрабрувам Владата на Република Македонија да продолжи со создавање соодветни услови за практична синергија меѓу клучните засегнати страни. Само на овој начин ќе создадеме успешна економија заснована на знаење, економија која ќе ја води глобалната конкурентска трка во следните децении, рече претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето на приемот за учесниците на инвестицискиот самит во Охрид.