Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов очекува локалните избори да поминат во најдобар ред и апелира сите учесници да придонесат тие да бидат фер и демократски.
– Очекувам изборите да поминат во најдобар ред како што доликува и секој граѓанин да го искористи своето демократско и уставно право да го даде својот глас за тој што смета дека најмногу може да направи за неговата средина. Од понудата што беше во кампањата граѓаните ќе се определат слободно кому ќе го дадат својот глас. Меѓутоа повикувам, како и досега сите избори што сме ги имале, и овие да поминат во најдобар ред пред се затоа што секаде не следат и гледаат како се одвиваат овие изборни циклуси. Не доликува после 21 година во демократија повторно да правиме некои работи што сме ги имале во минатото. Затоа повикувам до сите чинители, до сите учесници на локалните избори да придонесат изборите да поминат во најдобар ред, а тие што ќе се обидат да го попречат изборниот процес треба најстрого да се санкционираат, изјави Иванов во одговор на новинарско прашање при неговата посета на Дојран.
Во врска со тоа до даде е формирањето на комисијата која треба да ги утврди фактите за настаните и случувањата на 24 декември, македонскиот претседател вели дека тоа е на ниво на партии, кои, како што рече, се усогласувале и веќе ги дале своите кандидати.
– Сега е на ниво на генерални секретари кои се обидуваат да најдат согласност за претседателот на Комисијата бидејќи тој треба да биде избран од двете партии заедно, така што тиеони се во постојана комуникација, имаат средби, консултации и веројатно ќе се изнајде решение, ќе имаме еден кандидат за претседател кој ќе ја води Комисијата, рече шефот на државата.
Претседателот Иванов во Дојран присуствуваше на нуркачката акција за чистење на водите на Дојранското езеро што се организира по повод Светскиот ден на водите
– Денеска сме тука да го одбележиме Светскиот ден на водите и да укажеме дека треба да се грижиме за нив. Водите се ограничен ресурс, а без вода нема ни живот, така што еве и со оваа акција на чистењето на езерото покажуваме колку треба да бидеме посветени и за нас, а и за идните поколенија, истакна Иванов.
Убаво е, додаде, да се види на ова место како македонските и грчките нуркачи го чистат езерото затоа што тоа е заедничко, ни припаѓа и нам и на Грција, така што, како што истакна, со овој симболичен гест се кажува дека секоја акција која е заедничка може да даде резултат и успех, да се сочуваме и околината, а и да се покаже грижа за идните поколенија.