Претседателот на Ѓорге Иванов денеска го прими српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ, кој престојува во посета на Македонија.
На средбата, како што информираат од кабинетот на претседателот Иванов, биле потврдени одличните билатерални односи, карактеризирани со континуиран политички дијалог и чести средби на сите нивоа.
Претседателот Иванов и министерот Мркиќ се согласиле дека постојат голем број прашања што ги поврзуваат двете земји, наспроти малиот број за кои постојат разлики. Воедно изразиле задоволство што тие прашања на ниеден начин не влијаат на соработката во сите сфери од заемен интерес, кои се во постојана позитивна динамика.
Во разговорите е истакнато дека соработката меѓу двете држави во иднина треба да се фокусира на натамошното продлабочување на економската и трговската соработка.
Во насока на исполнување на заедничката стратешка цел, интегрирање во Европската унија, претседателот Иванов го поздравил потпишувањето на Спогодбата за соработка во европските интеграции, како основа за меѓусебна соработка, помош и поддршка на патот кон ЕУ.
Во интерес на безбедноста, стабилноста и просперитетот на регионот, македонскиот претседател ја потенцирал потребата од градење на добрососедски односи и посветеност на сите земји на регионалната соработка. Во таа насока, Иванов го запознал српскиот министер за надворешни работи со целите на македонското претседавање со Процесот на соработка во Југоисточна Европа.