Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот – 30 Април, се сретна со истакнати претставници од џез-музиката на македонската музичка сцена.
Во вила „Водно“, џез-музичарите и претседателот Иванов, кој е голем љубител и докажан познавач на џез-музиката, разговараа за одбележувањето на Меѓународниот ден на џезот во Македонија и во светот, за почетоците и светскиот подем на џезот, како и за специфичната инструментална креативност со која се одликува.
– Џез-музиката, е музика на слободата, на прогресот и напредокот. Тоа е музика која ве поттикнува постојано да творите, да се движите напред и да постигнувате личен и целокупен напредок, истакна Иванов, се вели во соопштението од неговиот кабинет.
Џез-музичарите и претседателот Иванов изразија заедничка желба за поактивно и помасовно одбележување на Меѓународниот ден на џезот во иднина, меѓу другото и како инспирација за младите генерации кон почитување и активно творење во овој музички правец.
Во ноември 2011 година, УНЕСКО официјално го прогласи 30 април за Меѓународен ден на џезот, со цел да ја потенцира неговата значајна улога и мисија на обединување на луѓето ширум светот.