Претседателот Ѓорге Иванов денеска на презентација на проектот за толеранција „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“, чиј е покровител се пожали на модерните времиња кои ги оддалечуваат младите од спортот.
„Јас паметам кога бев мал, нашите родители со сила сакаа да не приберат дома оти по цел ден бевме надвор. Со другарчињата растевме, заедно се осознававме меѓу себе и знаевме се за младите Ромчиња, Турчиња, Албанчиња преку нашата секојдневна игра. За разлика од тогаш, сега родителите со сила ги тераат своите деца да излезат надвор да играат. Новите технологии, интернетот и фејсбукот ги тераат новите генерации да седат дома. Преку проектот покажавме како младите поколенија треба да комуницираат, да се запознаваат меѓу себе и да се толерираат.
Иванов истакна дека Македонија е земја на различности, земја во која се почитуваат луѓето меѓу себе. Овде младите поколенија имаат желба да се дружат, да учат едни за други и да споделуваат искуства, знаења и свои вредности.