Актуелните состојби во нашиот регион и опкружувањето бараат Процесот за соработка во Југоисточна Европа да понуди решенија за предизвиците со кои се соочуваме, изјави Ѓорге Иванов, кој денеска учествува на Самитот на шефови на држави и влади на ПСЈИЕ што се одржува во Дубровник.
– Секоја земја треба да се сврти кон себе, да наоѓа решенија за своите предизвици и на тој начин да придонесува за стабилноста на целиот регион, изјави македонскиот претседател.
Иванов порача дека ПСЈИЕ треба да се фокусира на конкретни проекти и да даде соодветен одговор на прашањата кои го засегаат регионот. Посочувајќи ги заканите од илегална миграција, Иванов изјави дека земјите од нашиот регион мора преку меѓусебна доверба да го зајакнат нивото на комуникација, соработка и размена на податоци за да можат соодветно да одговорат на безбедносните предизвици.
На овие теми, македонскиот претседател попладнево разговарал и на билатералната средба со хрватската претседателка, Колинда Грабар Китаровиќ.
Иванов истакна дека е потребно регионот да се интегрира и ја потенцираше потребата од инфраструктурни проекти, енергетско поврзување и поврзување на младите луѓе од регионот.
– Младите едноставно имаат потреба за поблиска комуникација и едноставно да ги сфатат предизвиците за да можат да живеат со нив, бидејќи целта на сите ни е тие да останат во нашиот регион, а не да ги напуштаат земјите, изјави македонскиот претседател. Тоа е општ проблем во целиот регион, додаде Иванов, регионот останува без најкреативните, најспособните млади луѓе и затоа акцентот во иднина треба да биде кон енергетско поврзување, инфраструктурни проекти и работа со младите.
Иванов изрази очекување дека завршната декларација од Самитот, нема да остане само на хартија, и истакна дека секоја земја од ПСЈИЕ мора во својот домен да ги реализира овие заложби.
Претседателот Иванов денеска се обрати на пленарна сесија на Самитот на земјите – учеснички во ПСЈИЕ. Утре, македонскиот претседател ќе учествува на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.