Девет македонски организации и 13 поединци од Европа, Канада, САД и Австралија денеска се одликувани со високи признанија и медали за нивниот ангажман за промовирањето и заштитата на македонскиот национален и културен индентитет во земјите во кои живеат.
Признанијата во Музејот на македонската борба за државност и самостојност им беа врачени од страна на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов во рамки на Четвртата годишна конференција на иселенички организации.
Обраќајќи се пред присутните, претседателот Иванов рече дека македонските иселеници со негувањето на македонското име и идентитет и на традицијата и културата се пример којшто треба да го следат и идните генерации Македонци од дијаспората.
– Гледајќи ве собрани во својата матица, верувам дека по 22 години независност дојде моментот кога треба посплотени и пообединети да работиме на економскиот прогрес и развој на Република Македонија. Тоа е мисија која бара многу напори и макотрпна работа. Во оваа мисија, неизбежно е и особено е потребно ангажирањето на нашите сонародници кои живеат надвор од Република Македонија, со сиот нивни интелектуален, образовен, економски потенцијал, истакна Иванов.
Според него, мора да се градат цврсти и искрени врски меѓу татковината и иселениците, а можноста иселениците да гласаат на изборите е една од придобивките која е јасен сигнал за нивната значајна улога и неотуѓиво право да учествуваат во општествениот, политичкиот и економскиот живот во Македонија.
– Вие посветено работите на поддршка на развојот и напредокот на Република Македонија како независна, суверена и демократска држава, како и на нејзината меѓународна афирмација, особено во односите со земјите во кои живеете и работите. Со вашите дела покажавте колку е важно активно да учествувате во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот во земјите каде што живеете и со тоа да го зголемите влијанието на македонската дијаспора, промовирајќи ги македонските вредности, рече Иванов.
Со признанието „Повелба на Република Македонија“ се одликувани Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, Македонското добротворно друштво „Македонија“, Македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“ од Крањ, Асоцијацијата на македонски друштва „Форум“, организациите „Обединета македонска дијаспора“ и „Обединети македонци од Канада“, Македонскиот меѓународен комитет за човекови права, Австралиско-македонскиот комитет за човекови права и Македонскиот просветно-училишен одбор за Нов Јужен Велс.
„Медал за заслуги за Македонија“ добија Ангел Митревски, Илона Захариева, Павле Велков, Владимир Ралев, Мајк Зафировски, Борис Ничов, Коста Гас Стенвик, Ферид Мурад, Зоран Ќосески, Зоран Бечваровски, Виолета Јовановска, Диана Стерјовска и Јованка Смилевска.