Претседателот Ѓорѓе Иванов побара поддршка за евроинтграцијата на Македонија на средбите што ги имаше денеска на маргините на Самитот на шефови на држави од Централна Европа, што вчера и денеска се одржа во Братислава.
На средбата со словенечкиот претседател Борут Пахор, претседателот Иванов изразил очекување дека Словенија, како и досега, ќе го поддржи добивањето датум за преговори и да го афирмира на Европскиот совет принципот на паралелено движење кој оваа земја го примени кон Хрватска и даде резултати.
На средбата биле потврдени добрите билатерални односи и е договорена возвратна официјална посета на Пахор на Македонија наредниот месец.
Централна тема евроинтеграциите на Македонија била и на средбата со литванската претседателка Далија Грабаускајте. На средбата Иванов побарал од европските лидери она што одамна е заслужено да биде добиено на претстојниот самит и еднакво да бидат применети принципите на паралелено движење и ја информирал дека статус кво состојбата не носи ништо добро за регионот.
Со својот украински колега Виктор Јанукович, е констатирано дека Македонија и Украина имаат традиционално одлични билатерални односи и соработка и разбирање. Биле истакнати заложби за продолжување на поддршката на мултилатерален план.
Јанукович и Иванов договориле посети на највисоко ниво на што треба да претходи средба на Македонско-украинската комисија за трговско-економска соработка и Мешовитиот комитет за имплементација на Спогодата за слободна трговија со цел посетите да се подготват и да се конкретизира соработката.
Јанукович ја поздравил посветеноста на македонскиот претседател кон јакнење на соработката и односи со Украина.
Претседателот Иванов на маргините на Самитот во Братислава, кој заврши денеска, оствари билатерални средби и со црногорскиот, полскиот и молдавскиот претсдател.