Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на денешната средба со проф. Борче Давитковски, претседателот во оставка на ад-хок комисијата за расветлување на настаните пред и на 24 декември 2012 година, го поздрави потпишувањето на извештајот и изрази очекување дека препораките од извештајот на комисијата ќе бидат доследно спроведени.
Врз основа на информациите добиени од претседателот на ад-хок комисијата, претседателот Иванов изрази жалење за изгубеното време и начинот на кој се постигна договор околу конечниот извештај.
Од друга страна, претседателот Иванов го поздрави државничкото однесување, покажаната зрелост, разумност и направените отстапки, со цел да се заштитат државните интереси и интересите на граѓаните, кои секој пат знаат да препознаат кој работи во нивни интерес.
Македонскиот претседател повикува на национален консензус во однос на стратешките цели и приоритети на Република Македонија. Во таа насока, претседателот Иванов апелира еднаш засекогаш да се престане со деструктивни политики, политиките на ултиматуми и уцени и поставување на тесно-партиските интереси и интересите на поединци, над интересите на државата и граѓаните.
Според претседателот Иванов, никој во Република Македонија нема право и не смее за каков било интерес да ги држи во заложништво напредокот и развојот на државата.