Тврдењата на професорот Светомир Шкариќ дека во неколку наврати го советувал претседателот Ѓорге Иванов да го искористи правото на вето за неколку како што вели тој неуставни законски проекти се лага и манипулација, реагира денеска кабинетот на македонскиот претседател на негова изјава за Дојче Веле на македонски јазик.
– Најодговорно тврдиме дека професотот Светомир Шкариќ ниту еднаш, во каква било форма или начин, не укажал, не предложил, не доставил, ниту пак советувал за неуставноста на кој било закон донесен во времето додека ја извршуваше должноста советник за уставни прашања на претседателот Иванов, како надворешен стручен соработник. Такво нешто ниту е соопштено, ниту сугерирано, ниту документирано во архивата на кабинетот на претседателот на Република Македонија, што лесно може да се провери, се вели во реакцијата од кабинетот на Иванов.
Оттаму, посочуваат од кабинетот, остануваат нејасни мотивите за изјавата на професорот Шкариќ која е апсолутно неточна и лажно ја информира јавноста во Република Македонија.
– Кабинетот на претседателот на Република Македонија смета дека не доликува на универзитетски професор да лаже и да ја манипулира јавноста, се вели во реакцијата.
Професорот по уставно право Светомир Шкариќ во изјава за Дојче Веле посочува дека претседателот Иванов нема да го употреби правото на вето за законските измени за високото образџование, бидејќи, како што вели, уште во програмата за првиот мандат соопштил дека нема да употребува вето.
– Иванов е во многу тешка положба – од една страна претседател, а од друга – искусен професор кој е свесен дека со овие измени се повредува автономијата на универзитетот гарантирана со Уставот, наведува Шкариќ.
Додава дека во неколку наврати го советувал претседателот да го искористи правото на вето и за други неуставни законски проекти, но Иванов не го сторил тоа.
– Се донесоа повеќе неуставни закони, а тој се држеше настрана. Веројатно неупотребата на вето, бил условот за неговата кандидатура, вели Шкариќ.