Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска присуствуваше на одбележувањето на празникот Свети Атанасиј на тетовското Кале.
Во истоимената црква викарниот епископ лешочки Јосиф одржа света божествена литургија во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архиерејско намесништво на МПЦ – ОА. Потоа беа скршени славските погачи и избрани новите кумови за прославата следната година.
Традиционално голем број тетовци без разлика на временските услови го одбележуваат овој празник на Кале со скара, греана ракија и песни.
Старешината на манастирот прота Дарко Наумоски го истакна значењето на празникот и потребата да продолжи оваа традиција.
Црквата Свети Атанасиј потекнува од крајот на осмиот век. Според различни историските извори претставува еден од најстарите христијански црковни споменици во овој дел од Македонија.