На Македонија и се потребни луѓе кои знаат да предводат и да водат и во сегашноста, но и во иднината. Ни требаат лидери не само во политиката, туку и во економијата, културата, бизнисот, спортот, секаде, нагласи денеска претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов на отворањето на 4. Школа за млади лидери.
На учесниците на школата, која ја спореди како управување со автомобил, Иванов им порача што повеќе да гледаат напред, поцврсто да го држат воланот и да имаат што повеќе сопатници, кои ќе ги пренесат во еден поинаков свет исполнет со радост и среќа.
– Сознанијата што ќе ги стекнете од Школата секогаш да бидат во вашите мисли неколку чекори понапред од другите, да размислувате секој пат од аспект на иднината и да ги согледувате сите последици од вашите одлуки кои мора да ги носите. Да бидете свесни за се она што вам ви е пренесено, кое треба да го сочувате и да го пренесете на идните генерации, подвлече шефот на државата.
Школата, која по четврти пат се одржува на иницијатива на Иванов, според него, е резултат на желбата да се продолжи со едукации и пренесување на знаење. – Таа е признание на целиот индивидуален успех на учесниците што досега го постигнале, бидејќи сето она знаење што сте го стекнале во оваа школа го надградувате и усовршувате. Ова не е школа само за знаење, ова е школа за многу вештини и искуства од нашите пријатели, кои ни укажуваат на она што се очекува од оваа генерација кои сме на позиции. Затоа што живееме во свет кој многу брзо се менува, свет во кој многу знаења брзо застаруваат и се соочува со големи предизвици што бараат нови решенија, кои некогаш излегуваат од рамките на шаблоните кои досега ги знаеме и познаваме, а мора да ги дадат луѓе кои не се оптоварени од многу трауми од минатото, истакна Иванов.
Оваа генерација која расте, додаде, се обидуваме да ја насочиме во тој правец да нуди решенија, свои визии на овој толку забрзан свет и е од помош не само за Македонија, туку и за регинот и за цела планета, бидејќи живееме во свет во кој глобалното стана локално.
Поранешниот претседател на Чешката Република Вацлав Клаус на отворањето истакна дека идејата на претседателот Иванов за организирање школа за лидери е добра, креативна. Toj смета дека не е доцна да ја пренесе во неговата земја.
– Сметам дека младите луѓе мора да имаат можност да се среќаваат да разговараат и да слушаат други кои веќе имаат стекнато одредено искуство во различни сфери од животот и нивната кариера, рече Клаус.
Претседателот на Светската Академија на науки и уметности Иво Шлаус нагласи дека Школата е целосна иновација.
– Прашањето за лидерите е на многу начини интригантно, но ние мора да гледаме напред, да сме свесни за она што се случува зад нас и треба да одлучиме по кој пат ќе одиме, истакна Шлаус.
За Снежана Цветковска, учесник на првата Школа за млади лидери, учеството било одлучно искуство. – Тоа ги афирмираше нашите вредности и овозможи надградување, кое во иднина би го имплементирале, рече Цветковска.
Годинашните учесници Елеонора Јанковиќ и Душан Восиљанов очекуваат дека ќе се стекнат со нови знаења и одлично искуство од предавачите.