Меѓусоседските односи во регионот секогаш можат да бидат уште подобри. Меѓусоседските односи се двонасочна улица, мора да очекуваме тоа што го правиме и другите да го прават и сите заедно да влеземе во ЕУ како крстосница на добри двонасочни улици кои постојат во овој регион, истакна претседателот Ѓорге Иванов на 4. Регионален претседателски самит во Будва на тема „Соработка кон напредок – предизвици и одговори“.
– Очекуваме придвижување на целиот регион со цел сите ние да станеме дел од ЕУ, а основа за тоа се добрососедските односи и мора на тоа да работиме. Никогаш не треба да бидеме задоволни од постојната состојба, На пример во економијата и трговската размена постои голем потенцијал кој се уште не е искористен, рече Иванов на денешната прес-конференција.
Самитите, оцени Иванов, праќаат позитивна порака од регионот дека лидерите на дел од Балканот знаат да се организираат самоиницијативно, да дебатираат за прашања за кои треба заеднички, регионален пристап.
– Овие самити досега помогнаа да ги идентификуваме областите каде треба да ја зајакнеме нашата меѓусебна соработка. Исто така зајакнаа доверба меѓу нас и во поттикнување на добрите меѓусоседски односи со една отворена и искрена диксусија за прашања што некогаш во минатото не оптоварувале и како трето ја праќаме пораката дека ние имаме заедничка иднина, потенцира Иванов.
Сите, нагласи тој, имаме цел да бидеме во оној заеднички дом кој го нарекуваме Европа.
– Сите имаме цел преку нашите реформи и идеи кои ги претставуваме на вакви самити да реализираме еднаков амбиент во целиот наш регион. Да се почитуваат европски критериуми, европски принципи и европски вредности, нагласи Иванов.
Како што јави известувачот на МИА, албанскиот претседател Бујар Нишани одговарајќи на новинарско прашање рече дека односите меѓу Албанија и Македонија се исклучително добри.
– Изолираните и провокативните инциденти се нешто со кое мора судството да се справи и да постапи по нив. Но тие неможат да ги нарушат одличните односи кои постојат меѓу нашите две држави, рече Нишани.
Според него, Албанија одиграла и се уште игра непроменета улога која е во интерес на зачуваување на стабилноста, мирот и просперитетот во регионот.
Тој оцени дека односите на Западен Балкан се одлични и додаде оти Албанија нема отворени прашања со ниту една земја од регионот. Сите наши соседи, потенцира Нишани, имаат посебен приоритет, а Албанија и Албанците немаат интерес во нарушувањето на интегритетот на другите држави.