Македонија денес одново се наоѓа пред нова пресвртница, истакна претседателот Ѓорѓе Иванов во обраќањето на централното чествување на „Денот на Републиката – 2 Август“ на Мечкин Камен во Крушево.
Нишката што ги врзува сите наши манифести и сите наши Илиндени, посочи Иванов, е повикот за единство за остварување повисока цел.
– За илинденците, таа повисока цел била слободата. За асномците, тоа била државноста. За нас, тоа беше независноста и сувереноста. А за нашите деца, за младите, тоа е напредокот и благосостојбата на европска Република Македонија. Но, денес се однесуваме како да ја заборавивме лекцијата што толку скапо нè чинеше. Како да заборавивме дека, сè што сме оствариле, и слободата, и државноста и независноста, сме го оствариле тогаш кога сме биле сплотени. Но, исто така, дека сè што сме изгубиле, секоја перспектива, можност и шанса, сме ја изгубиле тогаш кога сме биле разединети, рече претседателот Иванов.
Потенцирајќи дека денес Македонија одново се наоѓа пред голема пресвртница подвлече дека иако слободна, Македонија како сè уште да им робува на поделбите, иако независна и суверена, решенијата за внатрешните прашања сè уште ги бара надвор од неа и иако е обединета во етничката и во верската различност, сè уште е политички длабоко поделена.