Македонија и Полска имаат исклучително добри билатерални односи без никакви отворени прашања, со можност за унапредување на економската соработка. Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Македонија на патот на нејзините евроатлански поддршки, бидејќи стабилност на регионот без интеграција на Македонија не е можна, оценија македонскиот и полскиот претседател Ѓорге Иванов и Бронислав Коморовски по денешната средба во Скопје.
– Полска ја поддржува и ќе ја поддржува Република Македонија на определбата за давање датум за отпочнување на преговорите за членство во Европската унија. затоа што мислиме дека процесот за стабилизација на овој регион без Македонија е невозможен, изјави Коморовски.
Поддршката што ја дава Полска за евроатланските интеграции на Македонија, додаде тој, произлегува не само од добрите пријателски односи меѓу двете земји, туку и од определбата на Полска од 1989 година за политика на отворени врати во евроатланските структури.
– Има случаи кога слично како Македонија кандидати кои биле блокирани, сепак, за нив се донела одлука паралелно да се движат решавањето на отворени прашања и евроинтеграции, очекуваме тоа да се примени и кај нас, рече претседателот Иванов, искажувајќи притоа благодарност до Полска за постојаната поддршка што на тој план и ја дава на Македонија, како и признавањето на уставното име.
Очекуваме, додаде Иванов, од следниот Самит на ЕК и од Советот на ЕУ конечно Македонија да добие датум за почеток на преговорите за членство во Унијата.
– Разговаравме за моќта која ја има европската идеја и промените кои ги предизвикуваат евроинтеграциите и дека тоа е нешто што е неопходно и за нашиот регион. Во тој поглед ја очекуваме и искрената поддршка од Полска бидејќи сегашната ситуација на статус кво состојба со евроинтеграциите на Македонија не е во ничиј интерес, рече македонскиот претседател.
Тој и неговиот полски колега разговарале и за можноста, одличните и пријателски односи меѓу двете земји да се унапредуваат во повеќе области, како науката, образованието, културата, … но пред се и економските односи.
– Секое пријателство бара добри основи, кои се потпираат не само на историското наследство туку и на добрата економска соработка, рече Коморовски.
За таа цел, додаде, е и денешниот македонско – полски бизнис форум кој ќе го отворат двајцата претседатели.
Тој форум, се согласија Иванов и Коморовски, е добра можност за блиски средби на стопанствениците и согледување на можностите за унапредување на економската соработка.
Претходно, претседателот Иванов, на свеченост во вилата Водно, на својот полски колега му врачи Орден „8 Септември“ за исклучителни заслуги за развивање и зацврстување на пријателските односи и соработката меѓу двете земји, како и за афирмирање и јакнење на меѓународната положба и углед на Република Македонија.
Орденот „8 Септември“ се доделува и како израз на благодарност до полскиот народ и лидерите на Република Полска за негувањето и јакнењето на односите на пријателство и на соработката меѓу двете држави, за силната поддршка и помош во напорите за реализација на стратешките цели и принципиелниот однос кон уставното име на Република Македонија.
Коморовски претпладнево беше пречекан со највисоки државни и воени почести во вилата Водно, по што имаше тет-а-тет средба со македонскиот претседател Иванов, а потоа пленарен состанок на официјалните делегации.
Во присуство на двајцата претседатели беше потпишана Спогодба меѓу Министерството за образование и наука на Македонија и Министерството за наука и високо образование на Полска за соработка во областа на науката и високото образование.
Полскиот претседател Бронислав Коморовски денеска ќе се сретне и со претседателот на Собранието на Македонија, Трајко Вељаноски.
Сопругите на двајцата претседатели, пак, Маја Иванова и Ана Коморовска во текот на денов ќе го посетат Музејот на Холокаустот, новиот објект на Македонскиот народен театар, Спомен куќата на Мајка Тереза, како и здружението за борба против ракот „Борка-за секој нов ден“.
Претседателите на Република Македонија и на Република Полска утре ќе престојуваат во Охрид, каде што ќе посетат повеќе културно-историски знаменитости.