Евроинтеграцијата на Македонија и регионот и помошта која се очекува од Хрватска по нејзиниот влез во ЕУ за забрзување на целиот процес, беа во фокусот на разговорите на денешната средба во Скопје на македонскиот и хрватскиот претседател Ѓорѓе Иванов и Иво Јосиповиќ.
Двајцата претседатели нагласија дека зачленувањето на Македонија и на регионот во ЕУ е од стратешки интерс, нема отворени прашања помеѓу македонската и хрватската држава, но и дека и од економски и од политички аспект е особено важно да се работи и на постојните заеднички проекти и на почнување нови.
– Македонија и Хрватска се пријателски држави кои немаат отворени прашања И меѓусебно се почитуваат, за што сведочи денешната посета. Се надеваме дека Хрватска ќе продолжи со нејзината конструктивна улога и заложби за интегрирање на нашиот регион во ЕУ, рече претседателот Иванов на прес-конференција по тет-а-тет средбата со Јосиповиќ.
Македонскиот претседател истакна оти се надева дека ќе продолжи иницијативата со Брдо процесот и оти регионот ќе стане дел од ЕУ со вложување заеднички напори и со помош од Хрватска и од Словенија.
Со Јосиповиќ, како што рече, разговарале и за продлабочување на трговската размена, економската соработка и потенцијалите на двете држави.
Јосиповиќ укажа дека по влезот на Хрватска во ЕУ тргнал во посета на регионот за да повтори го стратешкиот интерес не само на Хрватска туку и на цела Европа – Европа да биде цела, односно сите оние земји кои и историски, економски и културно и припаѓаат на Европа тоа да бидат и во формална смисла.
– Со големи симаптии и поддршка гледаме на напорите на Македонија да ги исполни сите предуслови и услови за членство во НАТО и во ЕУ. Хрватска во политичка и во секоја друга смисла ги поддржува тие напори, рече Јосиповиќ.
Освен политичката поддршка за заедничката иднина, како што наведе, многу е важна и билатерната соработка, економската, културната, научната…
– Со задоволство констатирам дека нашите влади соработуваат одлично и дека има се повеќе идеи и проекти кои ги зближуваат нашите две земји. Денес кога европската криза го притиска цела Европа и регионот отворањето нови проекти и работни места е особено важно за сите нас, не само од економска гледна точка, туку и од политичка, наведе Јосиповиќ.