Потребно ни е национално помирување, вели Ѓорге Иванов, во разговор за германскиот дневен весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, коментирајќи ја неговата одлука за помилување од 12 април.
Иванов одговара дека, ако е потребно, уште еднаш би ја донел истата одлука. – Јас не бранам криминалци, јас ги штитам интересите на државата, вели претседателот Иванов за германскиот весник.
– Разговорот со него води длабоко во сржта на поделбата на македонското општество, која се провлекува низ семејства, пријателства и соседства, и во историјата на Македонците, под влијание на насилство и теории на заговор, чиј идентитет од соседите на север, југ и исток одново и одново се става под знак прашалник, се вели во анализата под наслов „Македонија – Сто години борба за идентитет“.
Сегашната криза, објаснува претседателот Иванов, не е ништо друго туку само едно поглавје во историја на поделби која трае веќе повеќе од сто години. – Ние сме заробеници на менталитетот на нашите политичари, време е за нови лица, дециден е Иванов.
– И како што некогаш биле набуцкувани борбите во крилата на ВМРО од соседите, така денешниот македонско-македонски конфликт бил дело на надворешни сили. Македонија сака да стане членка на ЕУ и на НАТО – ова е едно од малкуте прашања, за кои вон сите политички и етнички јазови, владее единство, анализира германскиот весник.
Истовремено, весникот посочува и на проблемот за името со Грција.
– Југославија е веќе долго време мртва, само ние сеуште ја носиме во името, вели претседателот Иванов. „Тоа е некрофилско име“, го пренесува германскиот весник ставот на македонскиот претседател.