Иванов: Интеграцијата на Балканот е клучна за безбедноста на ЕУ

Од:

Европската унија треба да го забрза интегративниот процес како витален елемент и дел од нејзината долгорочна стратегија за безбедност. Балканот секогаш бил крстосница на Европа, а стабилни земји значат и подобра заштита на нејзините југоисточни граници, порача Ѓорге Иванов на „Дубровник форум 2017“, што се одржува на тема „Јадранско-медитеранска соработка и безбедноста на Југоисточна Европа“.

Иванов, како што информира неговиот Кабинет, посочи дека најголемата закана за европската безбедност допрва доаѓа и итно е потребно да ѝ се посвети внимание, посочувајќи на илјадниците странски борци од балканските земји кои учествуваат во борбите на Блискиот Исток.

– ЕУ и НАТО мора да испланираат превентивни мерки против повратниците насочени не само кон нивните земји членки, туку и кон неинтегрираниот дел од Балканот, истакна шефот на државата.

Според Иванов, интеграцијата на Балканот како целина не е само важна, туку е неопходна за долгорочен мир, стабилност и безбедност во регионот.

Интеграцијата на балканските земји, рече Иванов, во Европската унија е најважната алатка за превенирање од религиозен екстремизам.

– Со тоа би се гарантирале надеж и напредок во регионот, кој веќе покажува знаци на разочарување и очај. Европскиот сон треба да стане реалност за сите и тоа што е можно побргу, порача претседателот.

Балканските земји, посочи Иванов, кои не се се уште интегрирани во Европската унија, се потенцијален Тројански коњ на портите на Европа.

– Неинтегрираните земји од Балканот претставуваат безбедносен јаз во еден многу ранлив дел на Европа. Балканот како регион веќе има сопствени предизвици кои многу лесно може да предизвикаат нестабилност дури и без надворешно влијание: етничка и религиозна разноликост, историски судири, неодамнешни конфликти, невработеност, сиромаштија, корупција и организиран криминал. Сето ова, во комбинација со постојано присутниот национализам, етноцентризам, ксенофобија, а од неодамна и исламофобија, покажува дека Балканот ги има сите потребни состојки, кои терористичките групи може потенцијално да ги искористат за да ја подријат Европа посредно и од внатре, истакна Иванов во обраќањето на „ Дубровник форумот“.

Регион, додаде Иванов, кој се соочува со предизвици кои од своја страна може да водат кон нестабилност и нефункционални држави, може многу лесно да стане прибежиште за терористи, база за понатамошни операции, транзитни кампови за обука, регрутирање, индоктринација и инфилтрирање на европско тло.

Оттука претседателот апелираше на потребата од долгорочни регионални политики за безбедност, како прв чекор кон создавање на стабилна и безбедна средина.

Претседателот Иванов вчера учествуваше на Самитот на шефови на држави и влади на земјите – учеснички во Процесот за соработка во Југоисточна Европа и оствари билатерална средба со претседателот на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.

Би можело да ве интересира

Урсула фон дер Лајен: Го сакаме Западен Балкан во Европската Унија

ВИДЕО: Снајперисти, дронови, морнарица, строги безбедносни мерки за доаѓањето на Зеленски во Дубровник, на Самитот ќе учествува и Мицкоски

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Силно невреме во Далмација, Дубровник под вода, повик да не се излегува од дома

Предраг Петровиќ

Екстремен топлотен бран на Балканот, Македонија и соседите вријат

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Катерина Ѓуровски

Заменик-министерот за одбрана на Русија обвинет за поткуп од една милијарда рубли

Горан Наумовски