Претседателите на Македонија и на Косово Ѓорге Иванов и Атифете Јахјага на денешната заедничка прес-конференција на Самитот во Драч изразија задоволство од надминувањето на неодамнешниот проблем во трговската размена. Тие изразија надеж дека во иднина нема да се повторат вакви проблеми кои ја ограничуваат економската соработка меѓу двете земји.
– Се надевам дека од ова ќе се извлече поука за во иднина на кој начин ваквите прашања да се регулираат, рече Иванов, додавајќи дека сите земји се членки на ЦЕФТА, која има свои стандарди и принципи кои доколку се почитуваат нема да дојде до вакви настани.
Косовската претседателка подвлече дека односите меѓу Македонија и Косово се исклучително добри.
– Недоразбирањето, а не би рекла трговската војна, е надмината и се надеваме веќе нема да се повтори. Благодарение на двете влади е најдено решение со што го надминавме недоразбирањето во прилог на двете земји, рече Јахјага.
Косово и Македонија, како што подвлече, имаат заедничка цел интеграција во Европската унија, а прашањето на слободата на движење на луѓе и стоки е еден од главните предуслови на овој пат.