Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов за денеска во 18:45 часот во Вила Водно свика седница на националниот Совет за безбедност во проширен состав.
На седницата на Советот за безбедност, како што информираат од кабинетот на Иванов, субјектите на системот за управување со кризи задолжени за превенција и справување со кризната состојба, ќе го информираат претседателот на Република Македонија и членовите на Советот за безбедност за заканата од илегална миграција што доаѓа од територија на Европската Унија и Шенген-зоната, како и со можностите за развој на заканата и зголемување на ризиците.
На седницата на Советот за безбедност ќе присуствуваат претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите Емил Димитриев, министерот за одбрана Зоран Јолевски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и членовите на СБ, Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини.
Претседателот Иванов, согласно Деловникот за работа на Советот за безбедност, на седницата ги повика и раководителот на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Никола Тодоров, министерот за финансии, Зоран Ставрески, заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Методија Величковски, директорот на Центарот за управување со кризи и раководител на Групата за процена, Сузана Салиу, директорот на Агенцијата за разузнавање, Наќе Чулев, директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Љупчо Андоновски, директорот на Бирото за јавна безбедност, Горанчо Савовски и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието на Република Македонија, Сашо Аќимовски.
На седницата на Советот за безбедност, македонскиот претседател ги повика и претседателот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, претседателот на политичката партија СДСМ, Зоран Заев, претседателот на политичката партија ДУИ, Али Ахмети и претседателот на политичката партија ДПА, Мендух Тачи.