Иванов го претстави македонскиот модел на демократија на Универзитетот во Аризона

Од:

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во рамки на својот претстој на Аризона, го посети и Државниот универзитет на Аризона, каде одржа предавање за македонската демократија, во мултиетничко општство.

Тој оцени дека македонскиот модел на меѓуетничка интеграција, е уникатен придонес на Македонија кон европската дебата за интегрирање на етничките заедници, но, воедно, е и една од причините поради кои во некои европски држави има резерви кон Македонија.

– Согласно македонскиот модел на демократија, кога се носат законите кои се од областата на културата или идентитетот, освен мнозинството од пратениците, мора да постои мнозинство од немнозинските заедници. Сите закони кои се однесуваат на идентитет, култура, образование, мора да имаат две мнозинства, и кој и да дојде на власт, не може да ускрати права кои се достигнати. Како што се менуваат општествата, така треба да се менуваат и моделите на демократијата.

– Имигрантските општества, како САД, нашле решение за ова прашање. Меѓутоа, Европа е исправена пред голем предизвик. Некои се плашат од овој македонски модел, оти под него треба конечно да признаете дека населението им е мултиетничко. Дека има малцинства кои заслужуваат да бидат вклучени, религиозни групи кои бараат признавање, изјави Иванов.

Претседателот, во своето предавање, се заложи за формирање отворен простор на Балканот, во кој слободно ќе се соработува меѓу некогаш поделените држави, како предуслов за мир во регионот.

На предавањето присуствуваа голем број Македонци кои предаваат или студираат на Државниот универзитет на Аризона, во градот Темпе, кој е дел од поголемата метро зона на Феникс и е збратимен град на Скопје.

Предавањето беше посветено на Мери Чонкоф, доселеничка во Аризона по потекло од Егејска Македонија, познат промотор на македонската и балканската култура во оваа американска држава, во чија чест функционира фонд за студентска соработка меѓу универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и Државниот универзитет на Аризона.

На прашањето, како Македонците во дијаспората, можат да и помогнат на својата матична земја, претседателот Иванов ги повика да бидат успешни во тоа што го работат.

– Сакаме Македонија да ја градиме во височина, со највисоките стандарди, највисоки критериуми и принципи. Најголеми права на заедниците, чувства на припадност меѓу луѓето. На Македонија најмногу ќе и помогнете ако успеете во животот и бидете успешен човек. Колку има успешни Македонци, толку е успешна и Македонија, рече Иванов.

Тој посети и дел од лабораториите на Колеџот на технологија и иновација на Универзитетот на Аризона, каде професорот Кирил Христовски ги претстави најновите достигнувања во развојот на нано-технологијата, и нејзината примена во чистењето на отпадните води и отстранувањето на штетните материи. Присуствуваше и на презентација на Центарот за реакции, модерен систем за брза и ефикасна обработка на податоци и формирање на сценарија во случаи на елементарни негодони.

Иванов ја посети и црквата во изградба „Свети Архангел Михаил“, која е верски центар на неколкуилјадната македонска заедница во Феникс. Добредојде на претседателот Иванов му посакаа Џим Лозановски, претседателот на црковната општина во Феникс и отец Ристо Ристовски, од македонската црква „Света Богородица“ во Лос Анџелес, кој е свештеник и во црквата во Феникс. Иванов и амбасадорот Зоран Јолевски, дадоа и симболичен придонес кон изградбата на црквата и изразија надеж дека наскоро Македонците во Феникс ќе ја довршат изградбата на храмот во северните предградија на оваа метропола. Црквата „Свети Архангел Михаил“ неодамна беше цел на напад од страна на малолетни хулигани.

Претходно, во Тусон, Иванов го отвори почесниот конзулат на Македонија, каде како почесен конзул е именуван активистот за Македонија и автор на филмот „Името е име“, Џејсон Мико.

Претседателот Иванов во Аризона учествува на Седона Форумот, во организација на американскиот сенатор Џон Мекејн, отворен вчера, на кој учествува и потпретседателот на САД Џо Бајден, повеќе истакнати сенатори, политички и бизнис лидери од САД и од светот. Претседателот Иванов денеска, на Седона Форумот, ќе зборува на панел дискусија посветена на европските интеграции.

Би можело да ве интересира

Уставен суд заглавен, изборот на претседател е во ќор сокак

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

A1on

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на Сиљановска Давкова в недела на пладне

A1on

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

A1on

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова – 61,98% , Стево Пендаровски – 30,48%

A1on