Секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам, кога се посегнува по кој било аспект од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории за кои не може да правите компромис со никого. Тоа се работи за кои никој на овој свет не разговара, а и ние не сакаме и нема да разговараме.
Ова го нагласи претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање во Собранието на Република Македонија, и побара најодлучно да се почитува рамката во која се водат разговорите за прашањето за името, а на кои се однесуваат Резолуциите на Обединетите нации, на Времената спогодба и пресудата на Меѓународниот суд на правдата.
– Република Македонија отсекогаш верувала и во практика го применувала ставот дека дијалогот е незаменлив, особено за добрососедските односи, кои сепак се двонасочна улица. Ние мора да си помагаме, а не да си попречуваме. Блокадите и попречувањата се на штета и на тие што блокираат, а најголема жртва е целиот наш регион. Целосно сме отворени кон сите наши соседи. И натаму ќе настојуваме да ги развиваме добрососедските односи. Неприфатливи се обвинувања од кој било за наводен иредентизам и национализам кој доаѓа од Македонија, рече Иванов во неговото 4-то годишно обраќање откако во 2009 година беше избран за претседател на Република Македонија.
Претседателот на Република Македонија упати порака да не се создава лажна претстава за состојбата со добрососедските односи.
– Реалната слика е дека македонското општество нема никаков проблем со ниедно соседно општество. Низ каква искривена призма треба да гледаме за во оваа реална соработка да видиме отсуство или недостиг на добрососедски односи? Земјите од нашиот регион едноставно не можат да си дозволат минатото да продолжи да им ја краде сегашноста и иднината, посочи тој.
Континуирана и длабока посветеност кон регионот, подвлече, Македонија ја демонстрира и со зборови, и со многубројни иницијативи и со акција. Успешно го презедовме претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа. Истовремено ќе бидеме домаќини и на 11-от по ред Форум на дијалогот меѓу цивилизациите, инициран од претседателот Трајковски, во соработка со УНЕСКО и со Советот на Европа, чија тема ќе биде фокусирана на младите. Следната година ќе бидеме домаќини и на Третата светска конференција за дијалог меѓу религиите и цивилизациите.
И во оваа година, истакна Иванов, кон Република Македонија се упатуваа апсурдни или навредливи изјави на малкумина „дежурни“ политичари од соседството, а за нашите меѓуетнички и меѓусоседски односи.
– Тие изјави за дневно-политичка употреба, ниту можеле, ниту во иднина ќе можат да ги нарушат вековните добрососедски односи на народите во овој наш регион. Нашите врски со соседството се длабоки, тоа се роднински, пријателски, деловни, спортски, културни, духовни врски… Никаков излет на поединец желен за власт по секоја цена не може тоа да го промени. Ако некој мисли дека со такво однесување може да ги подели и раскара граѓаните на Република Македонија очигледно не знае за каков умерен и мудар народ станува збор, дециден е Иванов.
Според него, на нашите простори, не само во Република Македонија, уште има поединци кои сонуваат за радикални идеи и митови за големи држави.
Иванов потенцира дека не смееме никогаш да дозволиме да бидат доведени во прашање меѓуетничките односи во Република Македонија. Повтори дека со спроведувањето на Охридскиот рамковен договор е достигнато ниво на поголемо разбирање, почитување и толеранција.
– Потребно е стриктно придржување до основните принципи на Охридскиот рамковен договор и одвивање на политичкиот процес во таа рамка, рече македонскиот претседател.
За жал, подвлече, годинава имавме неколку недозволиви настани кои ги вознемирија граѓаните и не доликуваат на она што досега го правевме како држава. Најлошото е, смета Иванов, што во тие случаи беа, па и денес се вовлечени многу млади луѓе.
– Од сево ова, лично бев многу засегнат, бидејќи, освен како претседател, и како човек сум определен за мир, соживот и толеранција. Им се обраќам на сите кои поттикнуваат и извршуваат такви дела, сериозно да размислат за нивните последици и да бидат свесни дека правдата ќе ги стигне. Никој нема да остане неказнет, порача претседателот Иванов.
Тој укажа дека одговорност на сите клучни актери во унапредување на толеранцијата и меѓуетничкиот соживот е обврска и одговорност на секој од нас. Притоа, појасни, не мислам само на политичките актери, мислам на медиумите, верските заедници, локалните заедници, спортските федерации.
На годишното обраќање на претседателот Ѓорге Иванов во Собранието присуствуваат премиерот Никола Груевски, владините министри, началникот на ГШ на АРМ, претседателите на Уставниот и на Врховниот суд, на Судскиот совет, гувернерот на Народна Банка, Јавниот обвинител, Народниот правобранител, лидерите на верските заедници, шефовите на дипломатско-конзуларните стрнаски претставништва во Македонија.